На гости кај шеф Маре

Оф, се уште мислам на вкусот на колачите што ги јадев вчера кај шеф Маре Јаневска. Знаете каква моќ имаат? Се исклучувате и почнувате да лебдите со тој преубав вкус во устата

0
527

Колку е убаво да се има пријателка каква што е нашата Маре Јаневска! Да не ви образложувам зошто е се убаво да се има ваква пријателка, има навистина многу причини, но ќе се задржам на најповршната – луѓе, знаете ли вие што се умее да направи?!

Уф, навистина е виртуоз кога станува збор за храна, а ако сте мераклии за благо – ќе ве шекне.

Мислам дека кога го пробав ова колаче, ми се случи токму тоа. Наеднаш престанав да ги слушам што зборуваат тие двете – Маре и нашата драга Вања (Тодоровска), имав чувство дека лебдам  и единствено на што мислев во тој момент, беше вкусот на колачето во мојата уста.

А Маре како Маре, го направила онака, без мерка, по чувство.

Искрено, уште истиот ден, во консултација со неа, пробав да го направам и самата.

И го направив. Малку е поинакво – го гризнав, и немав чувство дека лебдам. Вкусно е…и толку!

Еве како „отприлика“ се прави:

Состојки:

Мелени кекси

Путер и евентуално малку млеко за да можете да обликувате кора како за чизкејк.

Црн фил:

2 црни чоколади

500 г. какао-крем (еурокрем)

потпечени и исечкани ореви и лешници

Бел фил:

2 бели чоколади

1 крем сирење

путер

Карамел:

шеќер во прав

малку млеко

путер

Приготвување:

Обликувајте кора од кексите и путерот и евентуално малку млеко за да ја обликувате.

Потоа стопете ги црните чоколади и додадете го еурокремот и потпечените јатки.

Оставете го настрана.

За белиот фил растопете ги белите чоколади и оставете ја смесата да се олади, а потоа додадете и путер и крем сирење на собна температура. Измешајте се со миксер.

За карамелот стопете го шеќерот во прав па додадете малку млеко и путер и варете додека не се згусне, но не претерувајте како мене – треба да остане течен како сос за да можете да го прелеете одозгора.

Но прво ставете го црниот фил врз кората од кекси и оставете да се здрви во фрижидер. Потоа извадете го од фрижидер и ставете го белиот фил. На крајот прелијте го карамелот.

Ставете го колачот во фрижидер и не го пипајте до следниот ден. Пред сечење извадете го од фрижидер за да се опушти малку за да може да го сечете на мали коцки. Прилично е благ, па ќе ви потрае. Особено ако не е баш како оној на Маре.