Морска туршија

Додека во Преспа се јадат циронки, жителите од Далмација се гоштеваат со солени сардини во маслиново масло кои си ги подготвувааат сами дома, но можат да се набават и во маркетите.

0
1044

Циронките се традиционално подготвени сушени преспански белвици кои мештаните ги јадат барем два пати неделно и се подготвуваат на традиционален и оригинален преспански начин. Слични, но сепак поинакви, а велат и поздрави, се сардините (или инчуните) кои жителите од приморските краишта, барем оние од Далмација, ги подготвуваат на сличен начин како нашите преспанци.

Далматинците ги ставаат своите солени сардини и инчуни во маслиново масло, а потоа во стаклени тегли. Некои од нив, сардините (или пак инчуните) си ги подготвуваат самите дома, како туршија, но можат да ги набават и во маркетите.

Солените сардини и солените инчуни се приказна за себе. Генерации и генерации луѓе на Медитеранот се одгледани на солени сардини. Токму солените сардини, се разбира, во првокласно ладно цедено маслиново масло, со малку вински оцет, малку исечкан кромид и домашен леб, биле најчеста ужина. Денеска солените сардини не се толку застапени во секојдневната исхрана, туку останале повеќе како гастрономски деликатес. Последната оаза кадешто се уште се почитува нивниот култ е островот Вис.

Поголемиот дел од работата, велат мештаните, се уште се прави рачно и за неа е потребна стручност, но и трпение.

Се соли само свежо уловена риба која најпрвин се остава во големи канти или буриња додека крвта сосема не се исцеди. Потоа рибата се соли, а за тоа постојат два начини.

Во мали буренца сардините или инчуните се редат густо едно до друго, а помеѓу секој ред се става богат слој крупна морска сол. Рибата созрева најмалку 3-4 месеци.

Вториот начин е во тоа што пред солењето на рибите рачно се откинува главата и се отстранува внатрешноста. Дури потоа следува солењето. Рибата се реди во буренца со слоеви сол помеѓу, се прелива со саламура се поклопува и се притиска со нешто тешко. Созревањето трае од 3 до 6 месеци. Рибата се вади од буренцата, внимателно се цеди за да се отстрани солената вода. Потоа се реди во стаклени тегли и се прелива со маслиново масло.

Овие солени сардини се одлични во комбинација со обарени тиквички, компир и се разбира, многу лукче и маслиново масло.