Маточина од Матка

Има преубав мирис кој потсетува на лимон, а ја употребуваат пчеларите за да ги приберат пчелите. Па, ако им мириса убаво на пчелите кои се постојано по цветовите, значи дека навистина е нешто посебно, нели?

0
620

Велат дека е како коров… „Боцни едно и ќе ти се рашири толку многу што нема да знаеш што да ѝ правиш“, ми вели госпоѓа Зорица подавајќи ми букетче од маточина додека се шетаме низ Матка, долу, покрај реката…Јас ја мирисам и си велам: Ако, каков преубав мирис, нека се рашири колку сака. И веќе си замислувам како пијам чај од свежа маточина или си ставам 2-3 ливчиња во салата. Не е лоша ни изблендирана зедно со сок од лимон и малку мед.

Мириса на лимон и кога ќе ја мириснете еднаш, не можете да ѝ се изнамирисате.

Ја има во онаа мешавина од Билна аптека против висок притисок, а дора е и за нарушувања при варењето на храната.

Листот од маточина велат дека го користат и оние што чуваат пчели, со помош на нејзиниот мирис ги собираат пчелите да се приберат во кошниците.

А ако им мириса убаво на пчелите кои се постојано по цветовите, значи дека навистина е нешто посебно. Затоа освен маточина, позната е и како пчелинок. Има и благо седативно дејство, па освен за намалување на високиот притисок се препорачува и за подобар сон, за подобрување при варењето на храната, смирување на симптомите на мачнина и повраќање, стресни состојби, при главоболки, при настинки и при состојби на нервна напнатост.

Маточината е благ, добар и пријатен лек кој се користи при проблеми во системот на органите за варење (против надуеност на цревата, желудочни тегоби, гадење, повраќање и против дијареја).

Утринските мачнини кај многу трудници може значително да се намалат или да се проретчат доколку се употребува по една чаша свежо приготвен чај од маточина, два пати во текот на денот, наутро и навечер.

Како еднокомпонентен чај или во комбинација со горчливи чаеви (линцура, црвен кантарион, подабица или ајдучка трева), маточината се дава кај послабите и изнемоштени лица за подобрување на апетитот.

За чајот се зема една супена лажица листови од маточина и се става во 2 дл вода да зоврие, врие 5 минути и се остава 15 минути да отстои. Може да се направи и од свежи листови маточина, но во тој случај треба да стои малку подолго.

Како и да е, јас ги боцнав сите.