Маре Јаневска е готвачка во британската резиденција и последниве 10 години се грижи за сe што поврзано со храна и менаџирање на резиденцијата. Благодарение на својот ангажман таа е вклучена во многу настани, протоколи и дегустации. Дел од нејзиниот професионален ангажман се и промоциите на традиционалната британска кујна и хуманитарните настани во соработка со компаниите-соработници на Британската амбасада. Во досегашното 10-годишно искуство, покрај британската, ги усовршува и индиската, кинеската, француската и медитеранската кујна. Нејзино најголемо задоволство се позитивните коментари на задоволните гости, особено оние гости во резиденцијата кои воодушевени од храната, доаѓаат во кујната и лично да го запознаат „виновникот“.
За да биде она што е, пак, виновни се гените и семејното опкружување. Имено, Маре потекнува од угостителско семејство. Всушност, готвењето е во семејната традиција и сите, и мајка и и татко и, се извонредни готвачи, Таа пак уште како мала добивала домашни задачи, после училиште да го згрее ручекот, да ја постави масата и слично, нешта кои денеска ги прават нејзините две деца, тринаесетгодишниот Давид и шестгодишниот Марко. Токму малиот Марко и сопругот на Маре се оние кои знаат да ја израдуваат со појадок во кревет, во деновите кога е слободна од професипналните обврски. Најчесто се тоа мусли со овошје, нешто што им е омилено за појадок и на тројцата додека пак постариот син сака „конкретни“ нешта. Нејзиниот сопруг е угостител по професија, но нема допирни точки со кујната и со готвењето, но, како што вели Маре, „кога сака да ме изненади, знае да зготви нешто убаво, иако јас секогаш наоѓам маани. Тоа ми е професионална деформација бидејќи и сама на себе секогаш си наоѓам маани и сакам се да биде совршено. Но, се разбира, знам да бидам и благодарна“, се смее таа.
По завршувањето на средното угостителско училиште, иако сакала, Маре не била во можност да го продолжи школувањето па искуството го стекнала работејќи во неколку мали ресторанчиња. Во Францускиот ресторан Монмартр, зад Универзалната сала кадешто ја добила и првата обука, а потоа и како дел од првата постава на Ирскиот паб во ГТЦ, итн.
За нејзиниот ангажман во британската резиденција одговорен е нејзиниот сопруг кој ја пријавил на конкурсот од британската амбасада.
„Беше тоа пред 10 години, во екот на подготвување на зимници, а ние дома од секогаш сме правеле огромни количини на ајвар па баш тогаш сопругот ми соопшти дека ме пријавил на конкурсот на Британската амбасада. Иако јас не верував многу дека може да се случи да ме ангажираат мене, со оглед на тоа што се бараше некој со искуство во таа работа која подразбира не само позиција на гастро шеф, туку и менаџер, заедно испраќавме мејлови, пишувавме, планиравме менија кои требаше да им се испратат и конечно кога ме повикаа на интервју на кое требаше да однесам нешто што ќе го зготвам дома, ги ангажиравме сите да ми помогнат. Бев многу возбудена, но стасав да направам се, па дури и да се дотерам и да се нашминкам. Интервјуто беше со сопругата на тогашниот амбасадор и јас одлучив да направам шкотски стек, јадење кое научив да го готвам во Ирскиот паб, но овојпат го зготвив со телешки мускул, во земјена тава. КОга го однесов јадењето беше се уште топло, сопругата на амбасадорот го проба и беше многу задоволна. МНогу брзо потоа ми се јавија да одам таму во недела и да зготвам ручек за амбасадорот и двете деца бидејќи неговата сопруга тогаш беше заминала во Лондон и му го оставила мојот контакт. Кога влегов во кујната на резиденцијата се чувствував како да сум таму цел живот. Зготвив и на сите им се допадна толку што ме ангажираа веќе од следниот ден. Така почна целата приказна и еве трае десет години“, раскажува Маре.
Досега, во текот на нејзиниот десетгодишен ангажман, се смениле четири амбасадори. Всушност, со семејството на првиот амбасадор, оној кој ја ангажирал, поминала само неколку месеци затоа што мандатот набргу по нејзиното доаѓање во резиденцијата, му истекол. За разлика од сега, на почеток не била толку сигурна во себеси и во своите можности па се случувало да се буди ноќе плачејќи и да не може да спие. Но со време и со многу труд, но и вроден талент за готвење, таа сега ја има британската кујна во малиот прст.
Вели дека е секогаш стресно кога амбасадорите се менуваат и кога доаѓаат нови, и за вработените, и за оние кои доаѓаат. Најинтересни моменти од нејзиниот ангажман се оние кога на вториот амабасадор во нејзината кариера тука му се родило дете, а таа направила три вангли мекици со кои тој лично ги послужувал своите гости.
„Го истеравме адетот, а малечкото порасна тука, со мене и кога потпорасна, бидејќи многу сакаше да јаде, секогаш кога готвев доаѓаше во кујна да му дадам да проба од нешто. За следниот амбасадор пак јас ја организирав и испланирав целата свадба која ја направија овде, а и децата ни беа врсници па често ја земав неговата ќеркичка и кај нас дома да си поигар со помалиот син. За сите нив готвев, се до доаѓањето на актуелниот амбасадор Чарлс Гарет кој е многу едноставен човек и заедо со својата сопруга се сакаат да си прават сами. Неговата сопруга готви за него и за нивната ќерка Флоренс која е овде со нив, додека останатите четири деца живеат во Лондон. И Флоренс често знае да влезе во кујна и да си подговти нешто за јадење самата. Така сега ми останува повеќе време за да се посветам на некои настани надвор од работното месгто како што беше тоа случај со часовите по готвење во организација на Здружението за социјални иновации „АРНО“.
За се што се однесува на британската кујна, се консултирала со сопругите на сите амбасадори, но главно се учела сама, од интернет, и следејќи ги нејзините омилени готвачи Ина Гартен, Матхур Џефри, а едно време и Гордон Ремзи и Џејми Оливер.
Вели дека ја сака британската кујна и дека ги прифатила дури и оние вкусови кои се многу разлилнби од се во нашата кујна, но не и нејзините дома.
„Јас ја обожавам супата со тиква и праз, за разлика од моите дома кои ми се заканија дека ако ја направам уште еднаш, ќе мора да си ја изедам сама“, се смее Маре.
Ги обожава и британските десерти, како што е лимон-колачот за кој бабата на неговиот сопруг мислела дека ѝ е шеќердисан, британскиот Божикен пудинг, колачот со моркови и благата варијанта на традиционалните британски погачици со јагоди и шлаг.
Маре не е член на ниту едно здружение на готвачи од едноставна причина што нема многу време, а не сака да оди ниту на натпревари затоа што, како што вели, не е тип што се натпреварува.
„Готвам од љубов и со љубов и тоа е единствениот зачин кој ниту еден друг не може да го замени. Иако кога имаме големи настани, приеми и коктели, и ние сме под притисок, сепак, сами си го одредуваме темпото и си даваме доволно време за да подготвиме се и тоа да биде перфектно, па затоа не сакам притисоци од типот на „Брзата кујна“. Сакам да готвaм со душа и со љубов, а не на брзање“, вели таа.
Како и на сите добри готвачи, и неа не ѝ се потребни рецепти.
„Кога и да сум пробала да зготвам нешто по рецепт, не излегло како што треба. Тоа е така затоа што грамажата е најмалку важна. Многу поважно е тоа што сите јајца се различни, секое брашно си е посебно и никогаш ниту една мерка не може да е иста. Затоа и сметам дека наместо рецепт, треба да се има чувство за готвење, Ми се случило некои и да ми се налутат затоа што некое јадење за кое ме замолиле да им дадам рецепт, не им се погодило. Затоа не сакам да давам рецепти, ниту пак да готвам по нечии рецепти. Се сеќавам кога првиот амбасадор ми нарача да направам Керот кејк, и јас бидејќи ми беше тоа првпат да правам колач со моркови, побарав рецепт. Не бев задоволна од резултатот и прашав дали смеам да го направам по мое. И го направив и од тогаш го правам баш така, „по мое“ и сите се задоволни“, раскажува Маре.
Инаку, овој период таа е презафатена со обврски околу организирање и готвење на многу настани со оглед на тоа што секоја година, мај и јуни се такви, се гледа да се заврши со сите обврски пред почнување на летната сезона.
„Овие два месеци имаме многу ангажмани, делегации од Британија, гости од тука, различен тип на настани, протоколи, приеми, вечери.
Ми се допаѓа тоа што како менаџер на резиденцијата, самата сум одговорна и за набавките па си ги одбирам и намирниците што ми се потребни и составувам менија. Британците многу ја сакаат индиската кујна па и таа е дел од она што често го подготвуваме. Се користат многу зачини кои ги носиме од Британија, како и некои од нивните сирења кои кај нас ги нема. Се разбира, не готвам само британска и индиска храна, туку за гостите од странство, но и за амбасадорите сум направаила и многу напи, македонски специјалитети. Дефинитивно, сите досегашни амбасадори многу ја сакаат нашата турлитава, тавче гравче мусака, сармички со лозов лист или со штавел и секако, пити со тегнати кори“, вели Маре.
Дека е омилена меѓу амбасадорите и од другите странски амбасади во земјава доволно зборува фактот што многу од нив обожаваат да доаѓаат на приеми во британската амбасада толкму поради храната. Најголемо признание ѝ е кога некој од гостите ќе побара да ја запознае затоа што му се бендисала храната што излегла од нејзината кујна.
Последниот рецепт со кој ги воодушевила гостите е свежиот лосос мариниран со џин и сос од цвекло и копар. Ако некогаш сакате да наздравите со неа, омилен од британските пијалоци ѝ е Пиммс кој Британците обично го пијат на забави како коктел со јагоди, со нане, лимета и слично и е многу освежителен пијалок. Во зима обожава греано вино и, се разбира, чајот во 5, заедно со британските „пандишпан колачи“ со крем од ванила.
Текст: Драгица Христова