Македонските шефови коментираат: Готвачите секогаш јадат од нога (ОБНОВЕНО)

Призорот на уморниот готвач кој седи на канта за ѓубре, подгрбавен над алуминиумска чинија, испровоцира илјадници реакции на социјалните мрежи. Досега двајца македонски шефови искоментираа, а останатите ги очекуваме, иако веројатно и тие ќе имаат слични коментари.

0
496

Сликата која прв ја објави шеф Кирк Веставеј ја погоди сржта на новата голема тема на ресторанската индустрија – одржливоста на шефовите. Многу пати се пишувало за проблемите на готвачката професија, од стресот и условите за работа до невозможното работно време, менталните болести и зависностите.

Призорот на уморниот готвач кој седи на канта за ѓубре, подгрбавен над алуминиумска чинија, испровоцира илјадници реакции, прво на кулинарските форуми, а потоа и во медиумите.

Шеф Влатко Огненовски вели дека е вистина тоа дека готвачите немаат можност и време и самите да седнат и да си дозволат еден долг кулинарски ритуал.

„Многу ретко еден шеф знае да седне во ресторан и да биде гостин. За жал, вистина е дека готвачите немаат време за тоа. Јадеме секогаш од нога, а во меѓувреме набрзина пробуваме од сѐ по малку со цел да го контролираме вкусот на храната“, вели тој.

Неговиот колега Марк де Јонг прво објасни дека, според него, како прво, човекот воопшто не седи на канта за ѓубре, туку на канта со зејтин.

„Се гледа дека кујната е професионално опремена и не е обичен ресторан. Инаку, навистина не е лесна работата во рестораните. Оваа слика е направена на крајот од сервисот, навечер! И сите готвачи си јадат нешто набрзина пред да си одат дома“, вели шеф Марк.

Слични се и коментарите на светски готвачи:

„Секоја недела готвам илјадници чинии во кои луѓето можат да уживаат со своите семејства и пријатели, а јас обично јадам вака“, напишал на Фејсбук Метју Арезки.

„Ако познавате некој шеф запамтете ја оваа слика, можеби можете да му зготвите нешто, да седнете со него и убаво да вечерате. Можеби вам тоа ви изгледа како ситница, но на луѓето како нас многу ни значи“.

Готвачите кои се јавиле со коментари изнесле секакви детали за условите за живот и културата во кујните. Некои сметаат дека е сето тоа дел од работата и дека со самиот избор на професијата се согласиле на тешките услови.

„Професорот ни објасни дека готвачите јадат како коњи, од нога. И често над кантите за ѓубре“, напишал еден шеф.

На неодамна одржаната конференција Dialogos De Cocina во Сан Себастиан оснивачот на слоу фуд движењето, легендарниот Карло Петрини, сериозно предупредил на овие феномени и рекол дека денешната ниска култура на односите во кујните развива бизарни „садомазохистички односи“.

На годинешниот Chef’s Stage во Шибеник, шефицата Елена Арзак, објаснила зошто одржливоста на луѓето во денешната ресторанска индустрија е поважна и од одржливото производство на намирниците.

Не станува збор само за убав говор, туку за баналниот факт дека рестораните во целиот свет сѐ потешко наоѓаат готвачи и уште потешко ги задржуваат. Готвачката работа е доволно тешка и нездрава и без лошата култура која одржува често срамни услови за работа во индустрија која се смета за толку софистицирана и врти толкави пари во светот.