Македонски производители и готвачи на Светскиот саем за традиционална храна во Торино

Слаткото од диви смокви засега го произведуваат 32 жени , а буковката има десет производители.

0
436

Дваесет македонски производители од денеска до 26 септември учествуваат на најголемиот меѓународен саем за храна Тера Мадре Салоне дел Густо 2016 во Торино, Италија.

На настанот присуствуваат 5.000 претставници од 160 земји, над 800 изложувачи, 300 президиуми на Слоу Фуд и 500 заедници за храна на Тера Мадре, а се очекуваат повеќе од еден милион посетители. Македонија има свој штанд на кој ги претставува президиумите Буковска пипер, Слатко од диви смокви и Грозјето Станушина. Претставен ќе биде и новиот президиум на Македонската медоносна пчела, но во рамки на заедничката презентација на президиумите од Балканот и Турција.

Буковската пипер, додаток и мирудија во многу јадења и различни мезиња, се произведува во Буково, село оддалечено само неколку километри од Битола. Според традиционалниот рецепт, се добива од низи суви пиперки кои се толчат во дрвено кутле. Низите, пак, се добиваат од најдобрите зрели црвени пиперки, ѓубрени природно и исушени под стреите од куќите во село Буково.

– Одгледана од сопствено семе, буковската пиперка се собира и ниже во двојни низи кои се сушат на сонце, а потоа и во селските фурни. Кога пиперките се целосно суви, се толчат во традиционалниот дрвен аван кутле. Се добива мешавина од пиперки и искршени семки од кои, преку толчењето се истиснуваат скробот и етеричните масла, а потоа со просејување останува зачин со интензивно црвена боја, сладок, ароматичен и по малку лут вкус кој трае долго – вели Елена Каровска од Слоу Фуд Македонија, координатор на производителите од Президиумот.

Буковска пипер во Буково денес ја произведуваат само десет производители. Кон крајот на 19 век, толчената буковска пипер се издвојувала по својот квалитет, а била толку застапена на пазарот што зад себе оставила генерично име за секој производ од суви толчени пиперки.

Слаткото од диви смокви е древна традиција од брегот на Дојранското Езеро, по должината на грчката граница. Жените се главно тие што продолжуваат да го користат традиционалниот рецепт за трансформирање на ова нејадливо овошје во производ кој може да се консумира. Процесот на подготовка е специфичен, бара преварување на смоквите девет пати. Само тогаш тие го ослободуваат својот шеќер, по што се потопуваат во шербет – агда, сируп од вода и шеќер. Потоа се варат уште еден час. Во слаткото се додава и лимон за смоквите да ја задржат бојата. На крајот слаткото се лади и се става во тегли.

– Строгите македонски регулативи за прехранбените производи и недостигот од законски правилници во однос на традиционалните производи, укажуваат на тешкотијата да се добие сертификат со кој овој производ би можел да се продава на пазарот, регуларно. Оттука, нашата крајна цел, на Президиумот, е прераснување на еден производ, кој се прави исклучиво за потребите на семејството, во квалитетен занаетчиски производ. Првиот чекор беше основање Здружение за промоција на слаткото од диви смокви. Неговите членови имаат дефинирани правила за производство потпомогнати од локалните советници и од Слоу Фуд Фондацијата за биодиверзитет – посочува Антигона Костадинова од Слоу Фуд Македонија.

Слаткото од диви смокви засега го произведуваат 32 жени од општините Валандово, Гевгелија, Дојран и Богданци, обединети во здружението Екоросалес.

Грозјето Станушина спаѓа во црноморското семејство на сорти. Се одгледувало од стари времиња. Од него се прави комињак, рубин црвено вино со арома на јагода, малина и суво овошје, како и маџун, производ од гроздов сок што се користи за лекување на црниот дроб и на респираторни инфекции, но и како замена за шеќер во домашната кујна.

– Тиквешкиот регион е идеален за производство на вино, благодарение на својата поволна клима и плодна почва. Виновата лоза Станушина тука се одгледува со векови и секогаш на стрмните падини. Во зависност од локалниот дијалект, може да биде преведена на неколку начини: стар ластар, жолт ластар или ластарот од дедо. Грозјето од станушината се користи за правење комињак вино, рубин-црвено вино со арома на јагода, малина и суво овошје, како и за правење маџун, сируп кој се користи за лекување на црниот дроб и респираторни инфекции, но и како замена за шеќер во домашните рецепти – нагласува координаторот на Преизидумот Емилија Неделковска.

Новиот президиум на Македонската медоносна пчела е основан за заштита на македонската автохтона пчела, Apis melifera macedonica која може да се најде на историската територија на Македонија, од источна Албанија до западна Бугарија.

– Македонија е дом на еден автохтон вид пчела: македонската медоносна пчела Apis melifera macedonica, која се забележува во регионот од источна Албанија до западна Бугарија. Со пократки стомак и крилја, подолги нозе, кроток темперамент и помала тенденција да се собира во рој од крањската пчела, македонската пчела традиционално се одгледувала во трмки, мали конусни кошници направени од слама, прачки и кал. Денес, уште неколку пчелари ја користат оваа древна техника. И покрај пониските приноси мед, со овој традиционален начин на производство, медот има одличен квалитет – потенцира координаторот на Президиумот и претседател на здружението МакБи Игор Илков.

Со македонската делегација производители, во Торино е и делот од тимот Алијанса на готвачи, кои ќе приготвуваат традиционални јадења со локални состојки од нашата земја.

Тера Мадре Салоне дел Густо е во организација на глобалната граѓанска организација Слоу Фуд. Се одржува од 1996 година, а овојпат мотото е „Да ја сакаме Земјата“ кое ја сумира целата филозофија на Слоу Фуд – продукција на здрава и чиста храна достапна за сите, заштита на традиционалните производители, бавно уживање во храната и јакнење на еколошката свест која подразбира исклучителна грижа и водење сметка за животната средина при производството на храна.