На вчерашната тркалезна маса на тема: „Како да се поттикне производството на органска храна“, можевме да ги чуеме искуствата на производителите од Македонија кои ги споделија своите искуства, проблеми и очекувања.
Тука, помеѓу другите производители на органска храна, ги запознавме и Милица и Васил Петрушевски, брат и сестра чија фирма „Аквапуника“ се занимава со земјоделско производство, во чиј фокус се градинарските производи, а стратешка култура им се зелените производи, спанаќ, марула, зелка, млад кромид, млад лук. Тие се сертифицирани производители на органска храна, која пак е дел и од нивната животна филозофија.
„Активно се занимаваме со органско производство во последните две години, а обработуваме околу 1 хектар земја во селото Орешани, на 20-30 километри од Скопје. Јас сум лингвист, а брат ми е компјутерџија. Нашата љубов кон земјоделието има корени во нашето детство. Пораснавме одејќи во нашата викендичка во Орешани, купена за децата да растат и да јадат здраво. Откако знаеме за себе, знаеме и за тие два декари земја кои на времето ги обработуваше нашиот татко, како хоби, а пред него и нашата баба-земјоделка. Откако знам за себе, јас садам пиперче, цветче, или нешто трето, одам и газам боса по земја и уживам во овој начин на живот“, вели Милица.
Таа својот брат Васил, инаку, компјутерџија, го нарекува и Прока Пронаоѓачот, бидејќи, вели, е по природа инвентивен, сака предизвици и нови работи, а е и најголем противник на пестицидите.
„Брат ми смета дека со определени регулирани услови во пластениците, со определен начин на садење или со определена агротехничка мерка, пестицидите можат целосно да се елиминираат. Тоа е неговиот предизвик. Во целиот процес на производство многу вложува во смисла тоа да биде што е можно поприродно и што е можно покреативно“, вели Милица.
Освен што самите произведуваат органски градинарски култури, тие гледаат и другите производи кои се вклучени во нивната исхрана да бидат колку што е можно поприродни па главно се снабдуваат во селото.
„ Се трудам колку што можам повеќе да се снабдувам со производи од селото, јајца, млеко, сирење, а за она што не можам да го најдам во селото, доколку го најдам во продавница како органски производ, не жалам да го платам поскапо затоа сум и самата во тоа и разбирам зошто се овие производи поскапи од конвенционалните. Не го разбирам нашиот менталитет. Органското е цела филозофија на одржлив развој кој подразбира намален конзумеризам и живеење во оптимални услови. Па така, ако ме прашате мене, јас и моето семејство, брат ми и мајка ми, живееме релативно нормално, а други би рекле, скромно. Лично, сум спремна да дадам повеќе за органска храна, но не сум спремна да дадам пари за џип дури и да имам милиони. Исто така, попрво би дала пари за органска храна, отколку да купувам повеќе облека од онаа што ми е потребна. Не сум била секогаш ваква, но ете сум станала во текот на животот и на тоа гледам како не некој вид на освестување“, вели таа.
Инаку, Милица и Васил засега имаат доволно за да ги покријат директните трошоци, во смисла на работна рака, и останатите редовни трошоци за производство, а целта им е наскоро да живеат само од тоа.
„Јас работам како лектор по македонски, па цели пет години го работев тоа во Романија, а останатите вработувања ми беа повеќе во невладини организации. До минатата година сѐ што се слеваше како финансии во нашиот семеен буџет влегуваше во инвестиции во органското производство, а планираме да живееме од ова и мислам дека до крајот на годината ќе стасаме до тоа. Ова е еден од ретките бизниси кој не се коси со моите длабоко етички и морални принципи за тоа како треба да се живее“, ни објаснува Милица.
Но ништо не е лесно како што изгледа па токму затоа и таа и нејзиниот брат дојдоа на оваа тркалезна маса кадешто ги изложија своите проблеми и дилеми.
„Во принцип, органското производство е скапо и бара големи инвестиции од самиот почеток, ако сакате да стигнете до супер маркетите и до добра продажба. Секој супер маркет бара континурана достава на висококвалитетен производ. Кога станува збор за градинарски производи, континуирана достава би значело пластеници, пластениците би значеле потреба за догревање, а тоа пак би значело специфичен тип на пластеници. Сето тоа е една голема инвестиција која е неопходно да ја направите на почетокот за да стасате до маркетите. Друг проблем е што органското производство само по себе е изложено на големо кало (отпад). Со оглед на тоа што минимално употребувате било каква заштита, и самиот производ не се стимулира со хемикалии за да остане подолго на тезга, се појавува отпад, а освен отпадот се јавува и зголемена потреба за работна сила зашто речиси сите агротехнички мерки се изведуваат безмалку мануелно или со некоја пософистицирана машинерија и тоа е од самиот старт голема инвестиција. Ако државата се декларира дека е за органско производство, нејзините мерки треба да бидат такви што ќе ги преземе сите овие почетни инвестиции на свој грб, и ќе го сподели ризикот со производителите. Не може мерката да биде таква што ти ќе инвестираш сѐ, а државата на крај на годината ќе ти врати некој дел од парите.
Следен голем проблем е и тоа што се мерките на државата прекомплицирани за разбирање. Јас сум писмен човек, имам магистратура, а спремам и докторат, брат ми исто така, а кога ќе земете да ги читате и законите и уредбите и сите тие мали прирачници, тешко ни е да се снајдеме. Ако видите какво е милјето на нашите земјоделци, кои се главно постари луѓе, кои не ги разбираат работите и не се снаоѓаат, ќе сфатите дека иако поддршка од државата постои и парите се одвоени, нашиот пристап до нив е многу отежнат. Покрај ова, проблем за нас е и тоа што самите мерки не се приспособени на реалното прооизводство, значи, на органското производство такво какво што е, а второ не се приспособени на менталната структура на самите производители. Ако не се направи тој мост, ќе постојат мерки, политики, издвоени пари, а ние нема да можеме да ги искористиме и тешко дека органското производство ќе може да пркне“, вели Милица.
Она што неа најмногу ја нервира во моментов е констатацијата дека органските производи се многу скапи.
„Ова производство е само по себе многу комплицирано, за да стигне производот од нива до тезга, има еден куп послебербени процедури. На пример, руколата треба да се истребе од пожолтените или оштетени листови, па она што се бере и она што стасува на тезгата се сосема различни производи. Ние се обидуваме колку што можеме повеќе да го покриеме како процес сето ова, од производство до стигнување до крајниот потрошувач, и не стасуваме. Стануваме во 5-6 сабајле, брат ми е повеќе во нивите, а јас со моите обврски во градот, а вечерта ја завршуваме во 21-22 часот, но не се стасува. Тука е и проблемот со работната сила. Самото производство е специфично, затоа што освен што е тешка физичка работа, подразбира и знаење, треба да ги разбирате и растенијата и земјата и сонцето и дождот, па тешко се наоѓаат луѓе. На нива работат брат ми, уште еден човек и постојано имаме уште двајца сезонски работници, а зборувам само за 1 хектар земја што е многу малку, кога станува збор за производство.
И кога ќе ми кажат дека цената на органската марула на пример, која мислам дека на пазар се продава од 25 до 35 денари, или на рукола (мислам дека на пазар чини околу 50-60 денари, но за мала количина од 60 до 100 грама, или органски грашок кој во малопродажба чини околу120-150 денари за килограм), многу ме нервира. Им велам, дојдете само еднаш на нива да видите колку е скапо. Луѓето немаат свесност дека на тој начин поддржуваат нешто што е иднина, му даваат поддршка на органското производство. Цената не е толкава заради мојот профит, туку затоа што е скапо самото производство, а и затоа што ние немаме контрола врз крајната цена која ја ставаат трговците во малопродажбата“, завршува Милица Петрушевска, управител на „Аквапуника“.
Драгица Христова