Краставицата, Cucumis sativus, е речиси идеална летна намирница. Поради големото количество вода и речиси неутралниот вкус, го пружа толку потребното летно освежување. Спаѓа во истото семејство како лубеницата, тиквата, тиквичката. Се јаде свежа во летните месеци – најдобра е од мај до јули, а конзервирана зиме.

Се верува дека краставицата потекнува од Северна Азија, каде се одгледувала повеќе од 10.000 години и од каде е пренесена во Индија и во остатокот од Азија.

Краставиците биле популарна намирница уште во античките цивилизации на Египет, Грција и Рим, каде се користеле не само како храна, туку и за здравјето на кожата.

Колевката на киселите краставици е Шпанија, која уште во античко време почнала со процесот на конзервирање краставици, само поради хирот на римските цареви кои сакале краставици исклучиво од медитеранските земји.

Нутритивна вредност

Краставиците се најмногу составени од вода. Во значјани количества содржат влакна, минерали како што се силициум, калиум, магнезиум, витамин Ц и кафеинска киселина. Имаат изразено ниска енергетска вредност. Содржат и витамин А и фолна киселина.

Благодарејќи на силициумот, витаминот Ц и кафеинската киселина, краставицата со право се користи за одржување убава и здрава кожа. Силициумот игра важна улога во врзивното ткиво, вклучувајќи ги мускулите, лигаментите, ‘рскавицата, коските, тетивите и е важна компонента во одржувањето на здравјето на кожата, косата и ноктите. Витаминот Ц и кафеинската киселина го спречуваат задржувањето на водата, што ја објаснува употребата на краставицата во маските за подочници, изгореници и дерматитис. Претставува природно хидратантно средство.

Количеството на калиум, магнезиум и прехранбени влакна ја прави краставицата посебно вредна намирница во менито на лицата со повишен крвен притисок.

Избор и чување

Краставицата е чувствителна на температура, затоа е пожелно да се изберат тие кои се чувани во фрижидер. Треба да бидат тврди, со округли краеви, светло до темно зелени. Сувите и набрани краставици не се добар избор, зашто изгубиле од водата.