Ако внимавате на здравата исхрана сигурно ручекот или вечерата не ви се сведува на подгреана конзерва, но малкумина се оние кои немаат во својата остава барем една конзерва, туна, грав, пченка, домати. Колку е таа храна нутритивно пожелна, објаснува нутриционистката Карен Ансел.
„Конзервираната храна е здрава, а дополнителна предност е долгиот рок на траење. Иако се смета дека конзервираната храна има помалку хранливи материи од свежата, треба да се има на ум дека процесот на конзервирање не влијае на протеините, јагленохидратите и мастите или на количината минерали и витамини топливи во мастите (како A, D, E и K). Но затоа што конзервирањето вклучува високи температури, некои витамини топливи во вода (како C и B) можат да бидат оштетени“, вели Ансел.
Ризикот од консумирањето на конзервирана храна не е поради нутритивните вредности на намирниците, туку поради амбалажата.
„Многу лименки содржат BPA, хемикалија која може да влијае на одредени хормони, да влијае на покачување на крвниот притисок, го зголемува ризикот од настанок на рак и влијае на однесувањето“, објаснува Ансел.
BPA се користи од 1960. за заштита на металот од рѓосување и влегува во храната и пијалоците. Иако целосното влијание од BPA е сѐ уште непознато, а повеќето студии се спроведени на животните, многу научници и лекари сметаат дека BPA може да го смени начинот на кој функционираат половите хормони естроген и тестостерон и негативно влијаат на репродуктивниот систен и на мозокот.
Навистина постои доказ дека BPA може да го поремети мозокот и хормонскиот систем. Студијата од 2016. година во списанието Clinical Endocrinology покажала дека BPA може да биде поврзана со инсулинска резистенција и дебелината кај жените. Истражувањето од 2017.година кај глувците покажало дека ниското ниво на изложување на BPA во текот на бременоста може да го смени начинот на кој телото ги обработува сигналите од хормонот на глад – што би можело да ја поремети способноста на мозокот да ги разбере сигналите на глад и на ситост. Други истражувања дури го поврзале високото ниво на изложеност со карциномот на дојка и метаболички пореметувања вклучувајќи го и полицистичниот синдром на јајници (PCOS). Меѓутоа, најголемата загриженост за изложеноста на BPA во текот на бременоста.
„Кај луѓето, изложеноста на BPA кога фетусот се развива, може да го зголеми ризикот од појава на хиперактивност и агресија во текот на животот, подоцнежен развој на дојките во текот на пубертетот, дебелина, дијабетес, болести на срцето и промена во функцијата на црниот дроб“, вели др. Мајда Галвез, вонредна професорка на Одделот за педијатрија на Медицинскиот факултет во Маунт Синаи, во Њујорк.
Според Националниот институт за здравје на околината (NIEHS), иако е BPA присутна на многу места вклучувајќи ја и медицинската опрема, електронската опрема, главен извор на изложеност се намирниците кои ги јадеме. Студијата на Џонс Хопкинс од 2016.година покажала дека луѓето кои јаделе само една конзерва храна во текот на денот имале покачена концентрација на BPA за 24 отсто во споредба со консумацијата на конзумирана храна, а консумацијата на две или повеќе лименки ја зголемиле концентрацијата на BPA за 54 отсто.
Со последните насоки за BPA, објавени во 2008.година, дневната горна граница на безбедна изложеност е 50 микрограми BPA по килограм телесна тежина. Но, стручњаците велат дека тие препораки се застарени и дека би требало да бидат значително пониски.
Засега BPA е сѐ уште присутен во конзервираната храна. Извештајот од 2016.открил дека две од три лименки во САД содржат BPA. „Препораките се луѓето да купуваат повеќе свежо овошје и зеленчук и да избегнуваат конзервирана и преработена храна“, вели Галвез. Освен што содржи BPA, Aнсел забележува дека повеќето од конзервираната храна исто така содржи високи количини натриум. Прекумерната потрошувачка на натриум, предизвикуваат надуеност, задржување на водата во телото, висок крвен притисок.
Затоа треба да се читаат декларациите за производот и да се одбира храна која содржи пониски количини натриум. Нутриционистите препорачуваат храната од конзерва да се измие под вода за да се намали содржината на натриумот, а со оглед на тоа што туната содржи одредени количини жива, ФДА препорачува максимална консумација од три конзерви туна неделно.
Ансел вели дека сепак не треба премногу да се грижиме околу храната од конзерва: „Не му препорачувам никому секој ден да јаде конзервирана храна, но ако нема друг начин да внесувате зеленчук во организмот тогаш добар извор е и она од конзерви кои не содржат BPA.“