Колку е корисна водата измешана со парчиња овошје?

0
1954

Чиста кожа, слабеење, детоксикација… се само дел од работите кои што ги слушаме како бенефити од пиењето вода измешана со секакви видови овошје, зеленчук и тревки. Но, што е, всушност, корисноста од пиењето на ваквите освежувачки коктели?

На пример, водата со лимон е најпопуларната верзија на ваквите природни коктели. Но реално, ако ставите само едно крукче лимон во чаша со вода, нема да добиете некој особен бенефит. За да ја примите потребната количина витамин Ц, антиоксиданси и други хранливи состојки од лимонот, потребно е да исцедите сок од еден цел лимон во водата.

Бенефитите од пиењето вода со лимон се следни: тоа е одличен извор на витамин Ц, витамин Б, калциум, јод, магнезиум и влакна. Помага при ослободувањето од чувството на надуеност на стомакот, ги олеснува воспалените зглобови. Во секој случај, добро разредете го лимонот со поголема количина вода, за да не ви настрадаат забите од киселиот напиток.

Нема дилема дека пиењето доволно вода е есенцијално за одржување на здраво тело. Нашите тела се создадени од 60 проценти вода, и секоја капка од таа течност ја потпомага здравата циркулација, варењето на храната, регулирањето на телесната температура и протокот на хранливи материи во организмот. Доколку не внесувате доволно вода, ќе дехидрирате и ќе почнете да чувствувате замор, болки во мускулите и вкочанетост, па дури и запек. Дехидрацијата најмногу се одразува на изгледот на вашата кожа. Така што, доколку овошниот додаток во водата ви помогне да пиете повеќе вода, тогаш слободно пијте ги таквите коктели.

Совети

– Имаат одличен вкус, па ве инспирираат да испиете повеќе вода и да го хидратизирате организмот доволно.

– Прописно хидратиџираниот организам ефективно ќе се ослободува од отпадните материи преку природниот процес на детоксикација преку бубрезите, црниот дроб и кожата.

– Ако пиете вода измешана со овошје наместо купечки сокови кои содржат многу шеќери, тогаш добивате значителен здравствен бенефит.

– Поголемиот внес вода ви помага да се чувствувате пополни и го отстранува лажното чувство на глад кое се јавува поради дехидрацијата. Една здрава навика води кон друга.

Може да се заклучи дека користа од пиењето вода измешана со парчиња овошје или зеленчук, всушност, се состои во тоа што на тој начин ќе пиете повеќе вода. А тоа е многу корисно.

Колку вода треба всушност да пиеме?

Тоа зависи од повеќе фактори, вклучително нивото на вашата физичка активност, каде живеете и општата здравствена состојба. Верувале или не, всушност можно е и да се „предозирате“ со вода. Ако пиете толку многу вода, што вашите бубрези нема да стигнат да ја процесираат, се изложувате на ризик од опасна сотојба наречена хипонатремија.