Која храна штити од рак на дојка?

Комбинацијата од здрава храна и физичка активност, се чини дека е особено значајна.

0
1345

Храната во случајов може да помогне на два начина. Најпрво здравата исхрана може да го превенира ракот, а жени кои што веќе имаат ваква дијагноза, вистинскиот избор на храна може да ги зголеми шансите за преживување.

Првичните поврзаности на храната со ракот на дојката потекнуваат од индикациите дека ракот на дојка е многу ретка појава во земјите каде што исхраната на населението генерално се состои од растенија. Во Јапонија на пример, каде што основната храна е оризот, ракот на дојка е значително помалку застапен отколку во земјите на Западот. Разликата не е во генетиката, со оглед на тоа што кај луѓето кои што мигрираат од Азија во Америка, ризикот од рак на дојка кај нивните деца и внуци е ист како кај Американците, на пример.

Делумно разликата се должи на тоа што Азијатките се најчесто послаби од Американките. Маснотиите во телото произведуваат хормон естроген, кој што е поврзан со појавата на рак на дојката. Многу студии, вклучително две поголеми, покажале дека послабите жени се изложени на помал ризик да развијат рак на дојка од пополните.

Но, избегнувањето на прекумерната телесна тежина не е еднинствениот начин да се превенира ракот. Во продолжение уште четири чекори кои што можат да помогнат да се намали ризикот од ова заболување.

Ограничете го внесот на алкохол. Жените кои што пијат по една чашка алкохол дневно, имаат дури до десет отсто повисок ризик да заболат од рак на дојка, од оние кои што го избегнуваат алкохолот. Причината е во тоа што алкохолот ја попречува апсорпцијата на фолната киселина, витаминот Б и други состојки кои што го спречуваат создавањето на канцерот. Значи, на долг рок се исплати да го консумирате алкохолот во мали дози.

Избегнувајте го месото – посебно црвеното. Жените кои што одбегнуваат црвено месо се помалку изложени на ризикот од рак на дојка, од оние кои што јадат црвено месо секојдневно. Се уште не е јасно дали проблемот со месото е во начинот на приготвувањето кое што создава канцерогени материи или пак во влијанието врз хормоните во женското тело.

Избегнувајте калорична храна. Ставовите на експертите се поделени во однос на тоа колкава количина маснотии ја поттикнува појавата на рак. Но, некои истражувачи докажуваат дека се работи за тоа каков тип масти консумирате. Заситените масти, кои што најчесто се наоѓаат во месото се поврзани со повисок ризик од заболување.

Јадете зеленчук и овошје. Зеленчукот и мешунките се богати со фолна киселина. Влакната во овошјето и зеленчукот се исто така многу значајни, му помагаат на телото да се ослободи од вишокот хормони. Кога вашиот црн дроб ја филтрира крвта, го отстранува вишокот естроген и го праќа во цревата. Таму, влакната го спроведуваат естрогенот како отпаден материјал. Доколку немате доволно влакна во исхраната естрогенот повторно ќе се апсорбира во крвта преку цревата.

Колку влакна се доволно?

Препорачаната доза за внес на влакна, е 25 грама за жените и 38 за мажите, а за оние повозрасните, дозите се нешто помали. Колку за илустрација, половина шолја грав има 7 грама влакна, а парче леб или било кое овошје содржат по 3 грама влакна.

Која храна докажано штити од рак на дојка?

Два типа на храна заслужуваат да бидат спомнати: тофу и соино млеко. Девојките кои што консумираат околу 30 грама тофу, или шолја соино млеко дневно за време на пубертетот, имаат околу 30 отсто помал ризик за појава на рак на дојка кога ќе пораснат.

Исто така, печурките можат да го намалат ризикот од рак на дојка. Истражувањето на исхраната кај неколку илјади жени од Кина покажуваат дека оние кои што јадат најмалку десет грама свежи печурки дневно, имаат до 64 отсто намален ризик за рак.

Како да се хранат заболените?

Намалувањето на телесната тежина значително влијае на подобрување на шансите за преживување. Избегнувањето мрсна храна исто така помага. Докажано е дека диета со намален внес на масти го намалува ризикот за околу 25 отсто.

Комбинацијата од здрава храна и физичка активност, се чини дека е особено значајна. Жените кои што јаделе барем пет парчиња овошје или зеленчук дневно и пешачеле околу 30 минути секој ден, имаат двојно помал ризик да го изгубат животот во борбата со ракот од жените кои што не пешачеле и не јаделе свежа храна.

Здрава диета базирана на зеленчук помага на многу начини. Ја олеснува контролата врз тежината и помага да ги избегнувате штетните масти. Здравата исхрана заедно со редовното вежбање, помага да се спречи ризикот од добивање или повторување на ракот на дојката.

 Подготви: Јана Колева