Кога воопшто не ви се готви, јадете булгур

Има ли нешто полесно од ова? И не, навистина не мора да се вари ниту пет минути.

0
1348

Иако повеќето рецепти со булгур кои можат да се најдат велат дека се приготвува брзо, речиси секој предвидува дека сепак треба да се вари, ако не повеќе, тогаш барем 5-10 минути.

Бидејќи булгурот се подготвува од пченично зрно без лушпа, кое делумно се вари, а потоа се суши и се ситни на мали делови, логично е дека не морате воопшто да го варите. Ако не сте пробале досега, тогаш пробајте уште денес. Сѐ што треба да направите е да зовриете на пример 2 шолји вода и да го прелиете булгурот. Покријте го тенџерето со капак и оставете го да отстои 30 минути или додека вие правите уште некој прилог за јадењето, на пример, таратур или салата. 

Највкусен е оној малку покрупниот, за пилав.

Булгурот ќе ја впие водата па нема потреба да се процедува. Додадете само маслиново масло, сол, црн пипер и по желба, малку лут буковец и свеж босилек и можете да почнете со јадењето.

Ако сакате, можетеда направите и слатка варијанта па да додадете внатре суво или свежо овошје. Исто така, доколку сакате да мешате вкусови можете да направите и комбинација на слатко-солени вкусови па да додадете во булгурот свежа урда, малку суво грозје и суви брусници или пак некое свежо овошје.

Што и да одберете, треба да знаете дека сте имале оброк со висока нутритивна вредност. Во 100 грама булгур има 342 калории, од кои 76 проценти јагленохидрати, 12.3 проценти протеини и само 1.3 проценти масти. Има многу витамини и минерали, како на пример, калциум, железо, магнезиум, цинк, тиамин, ниацин, рибофлавин, пантотенска киселина, витамин B6. Поради ова булгурот се препорачува за сите оние кои имаат брзо темпо на живеење, но и за децата, спортистите и зa повозрасните луѓе.

Консумирањето на булгурот придонесува за намалување на вкупниот холестерол, ЛДЛ холестеролот, триглицеридите и нивото на инсулин со што се намалува ризикот од срцеви заболувања. Се препорачува за време на диети поради карбохидратите и диететските влакна кои исто така помагаат во борбата против ракот, дијабетесот и болестите на срцето. Во споредба со интегралниот ориз, булгурот има двојно помалку калории и двојно повеќе диететски влакна. Им се препорачува на жени во менопауза, го подобрува варењето, а особено е полезен за оние кои внимаваат на тежината.

Исто така, булгурот содржи и големи количини на манган, есенцијален елемент во траги неопходен за правилна функција на нервниот систем, формирање на сврзно ткиво и коагулација на крвта. Освен тоа изобилува и со магнезиум и витамин Б6.

Булгурот е и одличен извор на бетаин, супстанца која е важна за црниот дроб, продукцијата на карнитин и намалување на хомоцистеин – аминокиселина која е покачена кај оние со срцеви заболувања.