Кирил Ставрев е главен готвач во Дистрикт бар и ресторан кадешто неодамна ја почна приказната наречена „Chef’s Table“, преку која, како што вели, сака да ја раскаже својата приказна и да им го пренесе на гостите своето знаење за различните начини на готвење и комбинации на вкусови.
Додека бил во Америка, вели, меѓудругото, подготвувал и повеќе македонски традиционални јадења, како мусака и сарма, но начинот на сервирање или подготовка бил малку поразличен од традиционалниот.
Зборувавме со него за неговите почетоци, за работата во Америка, но и за неговиот актуелен ангажман во хотел Мериот во Скопје.
Кога одлучивте да станете готвач и како се случи да запловите во гастрономијата?
Отсекогаш сум готвел во животот, за пријатели и за вечери со најблиските, но тоа готвење било многу поразлично. За време на мојот престој во САД, страста кон готвењето стана уште поголема. Професијата е доста различна тука во Македонија и во САД.
Дали претходно во Македонија сте работеле некаде како готвач?
Не, не сум работел на друго место како готвач, само на независни настани за готвење.
Сте работеле во многу познати и реномирани хотели и ресторани во Америка, но какви беа вашите почетоци, како успеавте да дојдете до тоа ниво и колку беше тешко?
Сѐ во животот е дисциплина и напорна работа. Моите почетоци беа во еден од најдобрите хотели во светот, Ритц Карлтон. Првата работна позиција таму дојде сосем случајно, како последица на еден настан на кој работев приватно и потоа бев поканет на проба.
Дали за време на работењето во Америка имавте шанса да „протнете“ и некое македонско национално јадење?
Секогаш се трудам да внесам нешто македонско. Сум подготвил повеќе традиционални јадења, како мусака и сарма, со нивниот вкус и традиционалност, но начинот на сервирање или подготовка бил малку поразличен.
Што мислите вие за „Мишелин шефовите“, дали сте имале можност да се запознаете со некој, дали и самите сте имале некогаш амбиции да „заработите“ барем една Мишелин ѕвезда?
Нашата земја сѐ уште не е вклучена во Мишелин. Лично, за мене, Мишелин ѕвезда е признание за еден готвач. Но, ѕвездата носи и добри и лоши работи. Лично познавам неколку готвачи со Мишелин ѕвезда и сум соработувал со нив на хуманитарни настани, кои се случуваат доста често во САД.
Доколку некој сака да знае повеќе за Мишелин ѕвездите, им го препорачувам документарниот филм „Три Ѕвезди“ (Three Stars).
Што значи „Мишелин“ за една Америка?
Насекаде низ светот, не само во САД, ѕвездата претставува големо признание. Кога сте гости на еден ресторан со вакво признание, не станува збор само за парите што ќе ги потрошите, туку и за целокупното искуство. Станува збор за приказната која сака да ви ја раскаже готвачот на ресторанот, неговите техники, преку самото јадење.
Поради ова јас започнав со Chef’s Table во Скопје Мериот хотел, преку што сакам да ја раскажам мојата приказна и да им го пренесам на гостите моето знаење за различните начини на готвење и комбинации на вкусови.
Сум организирал повеќе настани од ист тип во САД и по разговор со генералниот менаџер Волфганг се роди идејата за Chef’s Table и во Македонија. По првиот Chef’s Table што беше организиран за новинари, реакциите беа одлични, имавме позитивен фидбек од гостите и голем дел од нив го промовираа настанот на своите медиуми.
Со што се гордеете најмногу во вашата досегашна кариера?
Се гордеам апсолутно со сè. Досега сум работел во пет хотели од ланецот на Мериот. Горд сум на тоа што сум Македонец и што најпосле сум во мојата земја, каде имам шанса да пренесам знаење и да го променам начинот на кој овде се перципира храната.
Кога станува збор за вашата професија, чија работа особено ја почитувате, генерално, во светски рамки, и посебно, во Македонија?
Во Македонија сум релативно кратко, па не би можел да издвојам никој. Во светски рамки, дефинитивно би ги издвоил Рене Реџепи, Даниел Хум, Масимо Ботура, Дејвид Чанг.
Дали подготвувате некое ново мени, некое изненадување за посетителите на Дистрикт?
Веќе го претставивме новото мени и со гордост можам да кажам дека гостите уживаат во него. Имаме одличен фидбек. Оние кои се уште не нè посетиле, ги поканувам да го сторат тоа во најкус можен рок и да се придружат на нашето патување низ Медитеранот. Менито е создадено за вистинските љубители на храна. Во него се содржат најразлични видови предјадења, главни јадења, десерти и специјалитети. Секој кој ќе нè посети може да ужива во големиот избор и да сподели вкусна храна со пријателите.
Кои се вашите идни планови?
Сѐ уште е рано да се каже. Планирам да продолжам да работам за Мериот. Со ваков светски бренд, никогаш не се знае каде ќе те однесе патот.