Касато – торта од нашето детство

Ова беше тортата која кога бевме деца, нашите вработени мајки ја правеа во разни пригоди, онака, набрзина, без печење, а ние уште побргу ја јадевме.

0
2690

Незнам за другите, ама кога денеска нашата читателка Гордица Павловска ни ги испрати оваа фотографија и рецептот на нашата Фејсбук страна, ме врати во детството

Ова беше тортата која нашите вработени мајки ја правеа во разни пригоди, онака, набрзина, без печење, а ние уште побргу ја јадевме.

Памтам дека ни беше омилена на сите, а заедно со сендвичите со маргаринче, кисели краставички и рендан кашкавал беа задолжителни за секој роденден.

Па за оние кои ја подзаборавиле, да се потсетиме на рецептот.

Состојки:

500 г дробени бисквити

500 мл млеко

250 г сечкани ореви

250 г суво грозје

250 г желе бонбони

150 г шеќер во прав (читателката во својот рецептот имаше напишано дека става 400 грама, ама јас памтам дека мајка ми која водеше сметка да се храниме колку-толку здраво, ставаше многу малку шеќер и секогаш велеше дека покрај толку желе бонбони и бисквити, нема потреба за многу шеќер. Нашата читателка сепак напоменува дека таа во својот рецепт не става желе бонбони па можеби затоа става поголема количина шеќер)

1 јајце

1 маргарин (може и путер, иако порано се правеше со маргарин)

2 лажици какао

Малку рум

Приготвување:

Изматете ги јајцето,  путерот на собна температура и шеќерот за да се соединат (јајцето може и да го избегнете ако немате сигурен снабдувач за јајца бидејќи не е термички обработено).

Во друг сад помешајте ги сувите состојки, откако ќе ги исечкате желето и оревите, а бисквитите ќе ги здробите. Ќе додавате од млекото по потреба, сѐ додека не се добие смеса која помешана со смесата од путер ќе можеда се обликува по ваша желба.