Моето дете само што стана вегетаријанец, што треба да знам? Прво, бидете свесни за тоа дека сте среќен родител. Вашето дете само што ја направило една од најпаметните одлуки кои што може да ги направи било кое дете или возрасен човек. Што се однесува до здравствените бенефити, да станете вегетаријанец е еднакво на оставањето на цигарите или злоупотребата на дрога.
Многу деца денес се изложени на ризикот од прекумерна телесна тежина и работите само се влошуваат како што тие растат. Едно од три деца родено во 2000 година ќе развие дијабетес во одреден период од животот, според Центарот за контрола на болести и превенција во САД. Срцевите болести и канцерот предизвикан од неправилна исхрана спаѓаат во епидемии. Но децата кои што израснале како вегетаријанци, се во одредена мера заштитени од овие процеси.
Ставот на Американската асоцијација за исхрана, во поглед на вегетаријанството од 2009 година е следен: „Вегетаријанскиот начин на исхрана е поврзан со бројни здравствени придобивки, како помалку холестерол во крвта, помал ризик од срцеви болести, понизок притисок, и помал ризик од хипертензија и дијабетес тип 2. Вегетаријанците вообичаено имаат помал индекс на телесна маса и поретко заболуваат од рак. Вегетаријанскиот начин на исхрана кај децата и адолесцентите може да придонесе кон создавање здрави навики во исхраната“.
Накратко, вегетаријанскиот начин на исхрана е супер и се исплати што порано да почнете со него.
Дали децата-вегетаријанци ќе растат здраво?
Според Американската асоцијација за исхрана, децата вегетаријанци растат и се развиваат сосема добро. Всушност, во испитувања на 1.765 деца и адолесценти во Јужна Калифорнија, вегетаријанците се во просек неколку сантиметри повисоки од нивните врсници кои што јадат месо.
Еве за кои работи родителите се најзагрижени дали нивните деца ќе ги примаат во доволни количества со вегетаријанската исхрана.
Протеини. Има многу протеини во семките, зеленчукот, гравот и другите мешунки, како и во тофуто и во соиното млеко. Нормален дневен внес на оваа храна ќе ги задоволи потребите од протеини што му се потребни на секое дете во развој.
Калциум. Зелениот зеленчук, како и мешунките се богати со калциум. Посебно брокулите, прокељот, руколата, марулата и кинеската зелка. Исто така, многу калциум се наоѓа во цеден сок од портокал и во соиното млеко. Калциумот од спанаќот, пак, многу потешко се апсорбира во организмот. Немојте насила да им давате на децата зеленчук кој не го сакаат. Згответе го тоа што ќе го јадат со задоволство. Како што ќе растат, нивните вкусови за храна ќе се прошират.
Железо. Храната која што е богата со витамин Ц, како цитроните, ја подобрува апсорпцијата на железото во организмот. Доколку се уште сте загрижени дека вашето дете не прима доволно железо, давајте му дневна доза од некој суплемент со витамини и минерали.
Витамин Б12. Витаминот Б12 е есенцијален за здрава крв и здрави нерви. Го има во јајцата и во млечните производи, но исто така и во муслите, житарките, соиното млеко, како и во сите мултивитамини. Препорачливо е да се зема Б12, секојдневно, без разлика дали сте вегетаријанец или не. Дури и оние кои што јадат месо неретко имаат недостиг на овој витамин, поради тоа што тешко се апсорбира.
Што се однесува до растот и општата здравствена состојба, не грижете се, на децата вегетаријанци им е сосема добро. Во секој случај, многу е полесно децата да се држат до навиките доколку и остатокот од семејството е со истиот режим на исрана. Па така ако вашето дете стане вегетаријанец можеби е време и вие да размислите за промена на вашиот начин на исхрана.
Значајно е секој ден на вашата трпеза да има храна која се состои од зеленчук, овошје, мешунки и житарки. Исто така, вклучете витамин Б12 како додаток во искраната.
Подготви: Јана Колева