Судијата на Врховниот суд Елиху Бер рекол дека „Старбакс“ и другите компании за кафе не успеале да докажат дека заканата од хемиското соединение кое се добива при печењето на кафето е безначајна во однос на појавата на канцер.
Ова хемиско соединение, акриламид, е канцерогено, а се создава кога кафето се пече. Тоа е на листата на хемикалии кои државата Калифорнија ги разгледува како можни причини за рак. На оваа листа се и алкохолните пијалоци.
Тужбата за првпат била поднесена во 2010. година од страна на непрофитна група која посочила дека оние што го печат кафето, дистрибутерите и трговците кои прават или продаваат кафе треба да дадат јасно и разумно предупредување дека пиењето кафе би можело да ги изложи луѓето на акриламид.
Според Калифорнискиот Закон за безбедна вода за пиење и токсично дејство, од 1986 година, фирмите мора да ги информираат потрошувачите за присуството на супстанции што можат да влијаат на нивното здравје. Исто така, законот познат како Prop 65, се однесува на сите и на малопродажбата и на онлајн и интернет продажбата на производи, дури и ако се продаваат надвор од државата.
Кафе-индустријата тврдеше дека хемикалијата е присутна на безопасни нивоа и треба да биде изземена од законот, бидејќи произлегува природно во текот на процесот на печење на зрната кафе.
„Одново и одново се докажува дека кафето е здрав пијалок. Оваа тужба ги збунува потрошувачите и не прави ништо за подобрување на јавното здравје“, изјавил претседателот на Националната кафе асоцијација и извршен директор Вилијам „Бил“ Мареј.
Предложените судски одлуки во Калифорнија сè уште може да се променат, но тоа ретко се случува.