Кога за Нова година ќе добиете како подарок кисела репа од Словенија, не ви преостанува ништо друго освен да направите јота. Станува збор затрадиционално словенечко јадење кое се подготвува лесно и наспроти тоа како звучи кога ќе кажете: кисела репа и грав, е многу вкусно.
Нашата јота излезе малку сува, па доколку сакате потечни варива, ставете повеќе вода.
Состојки:
1 кг кисела репа
400 г црвен грав (ако сакате побрзо да бидете готови со готвењето, користете црвен грав од конзерва)
1 кромид
2-3 чешниња лук
2 колбаси (ако немате крањски колбаси, ставете суџук)
1 морков
2 компири
2 ловорови листа
сол, црн и црвен пипер
масло
Приготвување:
Пропржете го ситно исечканиот кромид и додадете ја киселата репа, ловорот и малку вода и варете околу 20 минути. Додадете ги колбасите исечкани на тркалца, зачинете, додадете ги исечканите чешниња лук и продолжите со варењето уште 20 минути, па додадете ги исечканите компири и морковот и продолжете да варите додека не омекнат. Изгаснете ја ринглата, додадете го гравот од конзерва, измешајте, поклопете и оставете го тенџерето на ринглата за да се соединат вкусовите.