Изет Цури: Каде и да одам во џебот си носам лута пиперка

Во Франција научив да јадам помалку леб, па наместо три ќебапи и кило леб, сега цело семејство за вечера јадеме вкупно еден багет. Почнав да јадам помалку месо, помалку мрсно, повеќе различни работи по малку, но од лутите пиперки никогаш не се откажав.

0
1110

Како вовед во ова интервју, особено за оние кои не знаат кој е господин Изет Цури, прочитајте го првиот дел од интервјуто со него на порталот „Плус инфо“.

Во продолжение, со господин Цури зборуваме само за она што е тема на „Арт кујна“ – храна, начин на исхрана, готвење…!

……………………………………………………………………………………

Има некои работи кои уште од периодот кога бев дете па до ден денеска не сум ги сменил. Се сеќавам дека кога имав 4 години, мајка ми правеше лут и благ ајвар. Јас со лажица јадев од лутиот. И ден денеска јадам луто па кога одам во ресторан во Франција (кај нас нема потреба бидејќи по рестораните има пиперки колку сакаш), секогаш си носам по две лути пиперки во џебот. Тоа го знаат сите мои пријатели. Кога беше градоначалник Жак Ширак, си носев пиперки во џебот дури и на големиот коктел кој беше организиран по повод наградите кои ни беа доделени мене и уште на неколку вредни луѓе.

Обично им велам, тоа е за мене лек, ако може малку да ми ги потпечете.

Но има и неколку анегдоти во врска со ова.

Еднаш во еден италијански ресторан во кој бев стален гостин, им дадов две големи лути пиперки за да ми ги испечат и кога ми ги донесоа, тие изгледаа многу убаво, како рипчиња, па двојката која седеше на соседната маса праша дали можат и тие да си нарачаат од истото. Се разбира, тие им објаснија дека немаат, затоа што самиот сум си ги донел, а јас ѝ понудив на жената да си ги поделиме, но ја предупредив дека се лути. Таа рече дека јаде луто, но кога почне да ја јаде пиперката се задави, не можеше да дише, дојдоа пожарникари, полицајци, брза помош. Имено, во Франција сега има 4 институции кои можеш да ги викнеш на помош на истиот број – 17, па тие гледаат кој ќе стигне прв, а тоа не може да трае подолго од 10 минути.

Но мора да направат извештај, па така јас тогаш 3-4 часа поминав во полиција објаснувајќи им за лутите пиперки. Истото се случи и кога се пошегував со дадилката на мојата ќерка, дека е кај нас обичај ако имате гости, да им испржите 3-4 лути пиперки а тие да ги изедат ако сакаат да бидеме пријатели. Секако, се шегував, ама додека јас ѝ подготвував јадење на мојата ќерка во кујната, таа почнала да ги јаде, па едвај си дојде на себе.

Но многу луѓе покрај мене се научија да јадат луто, на пример, жена ми се научи, мојата секретарка тука во училиштето, и уште некои пријатели. Иако многумина се чудат како немам никаков проблем поради лутото со желудникот, навистина немам.

Незнам, можеби како што организмот на некој алкохоличар е навикнат на алкохол па после 3 шишиња виски сѐ уште е во состојба да оди право, така и мојот желудник е навикнат на луто.

Инаку, во секоја етапа од мојот живот мојата исхрана се променила. Како дете во Скопје сум јадел исто што сме јаделе сите, пинџур, пиперки, пити, бурек, но кога отидов во Франција открив еден сосема нов свет и во гастрономијата, видов дека кујната нема граници и се смени и мојата исхрана.

Научив да јадам помалку леб, па наместо три ќебапи и кило леб, сега цело семејство за вечера јадеме вкупно еден багет. Почнав да јадам помалку месо, помалку мрсно, повеќе различни работи по малку. Кога дојдов во Париз открив многу различни кујни, таму почнуваа тогаш да се прават тие модерни јадења со чудни благо-солени вкусови, а јас бидејќи сум љубопитен сакав да пробувам, а особено сакав да ги испробувам и сите други кујни, азијатска, индиска, виетнамска.

Секогаш ме интересирало што јадат другите и на кој начин јадат, а се адаптирам како камелеон, па кај Кинезите сум Кинез, кај Индијците – Индиец. Заради професијата сум патувал многу и секогаш, каде и да сум одел, сум барал локални специјалитети.

Така, во Штип веднаш барам пастрмајлија“, се смее господин Цури и додава дека не само што го интересираат другите национални кујни, туку го интересира и каква музика слушаат другите народи, како јадат, како живеат, а нема проблем да влезе ниту во синагога, ниту во црква, ниту во џамија.

Уште додека како дете, на 14 години почнал да го учи кројачкиот занает, кај мајсторот чие семејство го гледало како свое дете, ја гледал како готви сопругата на мајсторот и потоа ѝ давал упатства на мајка си како и таа да направи нешто слично бидејќи додека мајка му знаела да прави само ориентални слатки од типот на баклава, тулумби, десерт со тиква и мед и слични, не знаела да прави модерни торти и колачи какви што се правеле во куќата на мајсторот.

Гледајќи ги нив и своите сестри, тој и самиот научил да прави доста работи.

Но некои работи кои додека бил дете, односно, додека живеел во Македонија не сакал да ги проба, почнал да ги јаде во Франција. Ова се однесува на рибите кои претходно не сакал ни да ги види, а сега и самиот често ги подготвува.

Но исто така, многу работи тогаш за првпат ги видел, а денеска, вели, на пазарите, и таму и тука има многу работи кои тогаш ги немало.

Кога доаѓал во Скопје од Париз, секоја втора година, создал една традиција – сите негови сестри и роднини да направат по нешто и да имаат голем семеен ручек.

„Јас во тие пригоди им правев различни работи кои сум ги научил во Франција, а внимавав тоа да биде и добро презентирано. Тие ми се смееја велејќи ми дека тоа не е уметничка слика, туку треба да се јаде, но јас и ден денеска, дури и кога сум сам, сакам храната во мојата чинија да изгледа убаво. Тоа има врска со нашата професија, со естетиката, сакам да изгледа добро и да не е количински премногу.

Едно време јадев и многу месо, но сега, иако не сум вегетаријанец, месо јадам многу ретко, особено во Скопје и особено во чаршија, кадешто келнерот не знае да ми каже што има внатре. Но во секој случај многу повеќе јадам зеленчук и овошје. Сакам да пазарам, но и да готвам.

Во Франција, кога имаме дома гости и кога треба да се готви за повеќе од 6 луѓе, готвам јас, а жена ми готви кога сме помалку од 6. Сега е тоа поретко затоа што сум и доста отсутен, но секако ми е задоволство да спремам храна.

Сакам да пазарам и кога сум тука и кога сум во Париз, но морам да кажам дека е многу различно. За мене пазарот е фотографија на една држава, на еден народ. А кога одам на скопските пазари и кога ќе ги видам пазарџиите колку се уморни, веднаш добивам слика за тоа како се мачат луѓето овде. Во Франција на пазарите се повеќе млади луѓе кои се постојано насмеани, среќни, викаат, а кај нас сликата е сосема поинаква, сите се уморни, стари, разочарани. И има сѐ помалку луѓе од скопските села, а сѐ повеќе од другите градови кои доаѓаат тука да ги продадат намирниците и го нема оној однос кој постоеше порано во Скопје, кога тие си ги знаеја своите муштерии по име и кога луѓето си купуваа намирници само од одреден „свој“ продавач, го нема тој поранешен меѓучовечки ритуал“, раскажува господин Цури.

Вели дека тој порано јадел и многу слатко, но повеќе не. Наместо тоа, кај него секогаш има голема корпа полна со овошје со кое и го почнува денот.

Во познатите ресторани со Мишелин ѕвезди оди понекогаш, но многу ретко бидејќи едноставно неговото темпо на живот не му дозволува да чека по 2-3 недели на резервација.

„Но сум пробал многу убави специјалитети и сум јадел кај многу големи мајстори, но главно секогаш ме интересирале другите кујни и новите вкусови. Инаку, веќе 10 години и не пушам, па како замена за цигарата и навиката, сега почесто јадам и добив неколку килограми вишок кои ми се вистински товар“, завршува тој.

Искрено, јас никогаш не би го опишала како некој со вишок килограми, бидејќи неговата форма, енергија и изглед, се нешто што секој може да го посака, особено кога ќе се најде на возраста на господин Цури.