Со оглед на тоа што вчера наидовме на информации дека не само што бил Меѓународен ден на палачинки кој секоја година паѓал во друг датум а тоа зависело од денот кога се паѓал Велигден, ама истовремено бил и национален пица ден, некако ни се виде премногу, па наместо вчера, еве денес збор-два и за палачинките и за пиците.
Уметноста на правење на славната пица Наполитана би можела наскоро да се најде на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, како признание на неаполските пица-мајстори. Кандидатурата на овој познат специјалитет од Неапол, карактеристичен по крцкавата кора која се добива со печењето во печка на дрва, е поткрепена со петиција што ја потпишале повеќе од 850.000 луѓе ширум светот. УНЕСКО соопштил дека уметноста на правење пица од секогаш бил еден од централните елементи на неаполскиот и италијанскиот идентитет. Италијанците се решени да го заштитат својот специјалитет. По поднесувањето на кандидатурата пицата со боите на Италија, зелен босилек, бела моцарела и црвен домат, да с енајде на листата на УНЕСКО следува процес на избори во траење од една година, а гласањето ќе се случува годинава, во Париз. Инаку, италијанската пица индустрија е вредна 10 милијарди евра и вработува повеќе од 100.000 луѓе.
Пицата Наполитана настанала во овој град помеѓу 1715. и 1725. Година.
Што се однесува до историјата на палачинките, познато е дека првата палачинка ја направил готвачот на папата Гелациј Први кој во 492.година замесил вода, јајца и брашно за да ги нахрани многубројните поклоници. Излегло дека новото јадење е одличен изум со оглед на тоа што може да се јаде и во солена и во слатка варијанта, но и самостојно, без никакви додатоци.