И скопјани знаат ѓомлезе да прават!

Велат дека за овој специјалитет треба многу љубов, трпение, силен оган и сач. Ама ако сте мајстор како нашата читателка Ана Радованац од Скопје, тогаш доволни ви се само љубов, трпение и една сосема обична рерна.

0
1073

Некои луѓе навистина се мераклии за готвење и ништо не им е тешко.

Па ако некогаш сте пробале ѓомлезе во Охрид или во Преспа (охриѓани и преспанци на големо расправаат чие ѓомлезе е најубаво), и таму, освен што ви кажале колку многу љубов и трпение се потребни за да се направи, ви објасниле и дека за него ви е потребен силен оган и вршник, односно, сач, па сигурно не сте се осмелиле никогаш да се обидете да си го направите дома, во вашата обична рерна од шпорет.

Арт кујна беше гостин во домот на Ана Радованац, вистинска мајсторка во кујна и подготвена за се, па и за предизвикот наречен – ѓомлезе во рерна.

Состојки:

100 мл. масло (во случајов маслиново, а следниот пат, според најавите, ќе проба и со свинска маст)
2 л. вода

1 ½ кг. брашно

1 мала лажичка сол

Приготвување:

Сите состојки се мешаат со миксер се додека не се добие смеса слична на онаа за палачинки. Кога e се убаво измешано посолуваме.

Тепсијата за печење се мачка со масло. Со црпалка за супа се става од смесата толку колку што е потребно за да се направи тенок слој како за палачинка.

Tепсијата се става во рерна и кога смесата ќе се потпече, тепсијата се вади, се премачкува со масло, па внимателно со црпалката се истура нов, тенок слој. Ова се повторува се додека не се потроши целата смеса.

Резултатот е фантастичен, а госпоѓа Ана докажа дека и скопјани знаат да прават подеднакво добро ѓомлезе како охриѓани и преспанци…ако не и подобро.