Храна на иднината: Месо без месо

0
468

„Побарувачката за месо е во постојан пораст и наскоро веќе нема да може да се задоволат огромните апетити на човештвото затоа што на планетата едноставно повеќе нема доволно простор, храна, ниту вода за одгледување на толку голем број на животни наменети за човековата исхрана“, тврди американскиот биохемичар Патрик Браун. Тој со својот истражувачки тим, „патентирал“ месо без месо кое, додека добива убава боја на печено месо, дури и испушта слични звуци како и вистинското додека се пече на скара.

После полни 5 години експериментирање, првите, сто отсто растителни бургери, за првпат се најдоа во чиниите минатата година. Нив веќе ги има на менијата на рестораните во Њујорк, Сан Франциско и Лос Ангелес, и со својот вкус и мирис, кој потсетува на говедско месо, успешно можат да ги залажат и најголемите гурмани.

„Сега навистина постои реална шанса на пазарот да се лансираат алтернативни намирници кои со вкусот, изгледот па дури и со звукот додека се пржат, личат на оние оригиналните и можат со успех да ги задоволат сите пет сетила“, тврди Џефри Лендсмен, потпретседател на компанијата Specialty Food Sales, која на супермаркетите им продава иновативни прехранбени производи.

„После внимателно истражување, уверен сум дека сите состојки од месо, од животинското масно ткиво, до мускулните клетки, е можно да се направат од растителни соединенија, а со тоа и производството на такви бургери ќе биде многу поефтина од производството на црвено месо“, тврди Браун, оснивач и извршен директор на компанијата „Impossible Foods“ која интензивно работи на развојот на хамбургер без месо, а целта е да се создаде производ кој ќе го смени светот.

На усовршување на рецептурата за совршено месо без месо работи и компанијата Beyond Meat од Лос Ангелес која минатата година лансираше хамбургери од грашок кој, за да бидат послични на месните, додека се печат дури и испуштаат крваво-црвен сок, а всушност станува збор само за сок од репа. Мирисот на храната на иднината очигледно го „намирисал“ и оснивачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, кој и самиот онвестирал во компанијата Beyond Meat а ги поддржува и проектите на компанијата Impossible Foods.