Градинарството може да биде хоби што ќе ви помогне да живеете до стотка

0
435

Ден Буетнер проучувал пет места ширум светот кадешто жителите се познати по долговечноста: Окинава во Јапонија, Никоја во Костарика, Икарија во Грција и Лома Линда во Калифорнија и Сардинија во Италија.

Луѓето што живеат во овие т.н. „сини зони“ имаат одредени заеднички фактори – мрежи за социјална поддршка, секојдневни навики за вежбање и исхрана базирана на растителни производи, за почеток. Но, тие споделуваат уште една неочекувана сличност. Во секоја заедница, луѓето се занимаваат со градинарството до старост – до нивните 80-ти, 90-ти и повеќе.

Добро е познато дека животниот стил кој подразбира престој на отворено со умерена физичка активност е поврзан со подолг живот, а градинарството е лесен начин да се остварат и двете. „Ако имате градина, добивате можност за некоја физичка активност со низок интензитет во повеќето денови, и настојувате да работите рутински“, вели Буетнер.

Тој вели дека постојат докази дека градинарите живеат подолго и со помалку стрес. Различни истражувања го потврдуваат ова, посочувајќи ги и физичките и менталните здравствени придобивки од градинарството.

Во неодамнешната холандска студија, истражувачите побарале од учесниците да завршат стресна задача, а потоа ги поделиле во две групи. Една група читала во затворен простор, а другата добила градинарски задолженија на отворено 30 минути. Кај оние од групата која читала расположението понатаму се влошувало, додека градинарите не само што имале пониско ниво на хормонот за стрес – кортизол потоа, тие исто така се чувствувале „целосно пренасочени“ кон добро расположение.

Австралиските истражувачи кои следеле мажи и жени во своите 60-ти години, откриле дека оние кои редовно градинареле имале 36% помал ризик од деменција отколку нивните колеги кои не се занимавале со градинарство.

И прелиминарните студии кај постарите лица кои страдаат од когнитивни проблеми (како што се деменција и Алцхајмерова болест) одат во прилог на градинарството и хортикултуролошката терапија. Сончевата светлина и свежиот воздух, на пример, им помагаат на вознемирените повозрасни лица да се чувствуваат помирно, додека боите и текстурите на разни растенија и зеленчук можат да ја подобрат визуелната и тактилната способност.

Не постои лек за старост, но, науката сугерира дека градинарството се чини дека го подобрува нашиот квалитет на живот, како што старееме.

Ако градинарството е добро, дали земјоделството е уште подобро? Многу фактори на животниот стил поврзани со долговечноста – како што се живот во внатрешноста и можност за многу активност – важат и за земјоделците.

Некои докази покажуваат дека земјоделството е една од најздравите професии. Една австралиска студија покажала дека земјоделците имаат за третина помалку шанси да страдаат од хронична болест, а 40% помалку шанси да посетат општ лекар отколку работниците кои не се земјоделци. Истражувачите од САД ги споредиле стапките на смртност кај земјоделците во однос на стапките за општата популација и сметаат дека земјоделците имаат помала веројатност да умрат од рак, срцеви заболувања или дијабетес. И студиите во Шведска и Франција исто така покажале дека земјоделците се поздрави од не-земјоделците.

Фото:joyce huis on Unsplash