Гастро наводаџиство: Виното и храната се многу секси пар при правилна средба

Вештите „наводаџии“ средбите на виното и храната ги организираат во пријатно друштво и домашна атмосфера. Но, претходно добро се распрашуваат за карактерите на двајцата потенцијални љубовници. 

0
397

Безброј изреки постојат за уживањето во виното со храната, но веројатно две најверно го отсликуваат правилното, односно, неправилното нивно спарување. Првата е „пиењето вино е како јавањето, кој умее далеку стигнува“ и важи за оние кои ги почитуваат правилата на „бакнување“ на одреден тип на вино со одреден тип на јадења. Втората пак, поговорка, вели „оди ти, а јас ќе те стасам“. Нејзиното значење почесто се реализира во праксата, а важи за оние кои ја форсираат голтката на сметка на залакот.

Со риба и месо

Општо правило е дека белите вина се послужуваат пред црвените, младите пред старите, вината со помал процент на алкохол пред оние со поголем процент, сувите пред слатките, разладените пред неразладените.

Наједноставен совет е дека белите вина одлично „одат“ со бела риба, а за црвена риба, или сина, најмногу одговараат црвените вина. Рибата подготвена на путер или печена во рерна одлично одговара со младо и свежо вино. Во јадењата со кремасти сосови повеќе ќе уживате со суво и моќно вино. Доколку пак, се одлучите за риба на скара со неа најдобро се комбинираат префинетите суви, млади вина.

Кога послужуваме говедско месо, изборот на виното не зависи само од тоа дали е месото сирово, средно или добро печено, туку и од сосот со кој се сервира. Колку месото е помрсно бара поструктурни вина, како што се „мерло“ или „вранец“. Свинското месо, пак, не е тешко да се комбинира со различни вина, но обично бара вина со помалку танин и со овошен карактер. Месото подготвено на скара добро се сложува со киселкасти вина, како контраст на мрсното месо. Јагнешкото печење успешно се комбинира со вино од сортата „мерло“ или „шираз“. Поради лесниот и помалку сладок вкус, пилешкото месо може да се послужи и со „шардоне“ или „совињок блан“, но и со полесно црвено вино од типот на „пино-нуар“.

Со сирење

Познато е дека во нашата традиционална кујна сирењата се послужуваат за предјадење. Одлично одат со вино, но не секое сирење бара секаков тип вино. Со старо овчо сирење оди зрело црно вино. Со младите сирења одат млади бели и црвени лесни вина.

Кравјото, овчото, козјото или мешаното сирење, тврдо или меко, младо или старо – тоа е совршен партнер на виното, бело или црвено, суво или слатко, ароматично или не, младо или отстоено, пенливо или мирно.

За да го извлечеме максимумот од овој гастро пар, треба да следиме неколку правила. Прво, зрелоста на виното треба да биде во хармонија со онаа на сирењето. Второ, треба да се совпадне интензитетот на нивните миризби и вкусови. Младите сирења содржат повеќе вода и имаат понежна млечна структура и ним најдобро им одговараат свежите бели или црвени вина со овошна арома, сувите розе вина и лесни суви пенливи вина.

Класична француска комбинација се козјото сирење и младиот „совињон блан“, додека Италијанците истото вино ќе го послужат со моцарела.

Старите сирења со посилен и побогат вкус поинаку ги спаруваме. На пример, полномасните меки сирења, какви што се сирењата „бри“ или „камемберт“, се послужуваат со црн „пино-нуар“ или со посилни пенливи вина.

Тврдите сирења како „ементалер“ се послатки, па оттука најдобро се комбинираат со лесни црвени вина со овошен вкус. Сините сирења од типот на „горгонзола“ или „рокфорт“ ги сакаат црвените вина од сортата Мерло.
На тврдото сирење „пармезан“ одлично му одговараат силните вина од типот на „каберне совињон“, додека на сирењата „гауди“ и „едамер“ им одговараат вината „ризлинг“ и „траминец“, со помал остаток на шеќер, бидејќи соленото и слаткото убаво се сложуваат во спарувањето на храната и виното.

Со овошје

Сирењето често се послужува со овошје и при тоа треба да се следат правилата на спарувањето со виното. На младите сирења им одговара сочно овошје. На солените сирења – слатко и суво овошје, додека на тврдите сирења – овошје со интензивна миризба.
Играта со сирењето, овошјето и виното е прекрасна и возбудлива. Исто како и водењето љубов, бара малку фантазија и пракса, но дава големо задоволство.

Со чоколада

Уживањето во чоколадата и виното може да биде врвно и неповториво искуство, доколку знаеме како да ги искомбинираме овие две слатки задоволства. Погрешно е мислењето дека со чоколадата се препорачуваат само десертни вина.

Основно правило е да го насочиме вниманието на вкусот и текстурата на виното и чоколадата, обете мораат да припаѓаат на иста категорија. Односно, кај виното мора да внимаваме на зрелоста, киселоста и танинот, додека кај чоколадата мора да се внимава на содржината на какао, на кремастата текстура или на овошниот фил.

Второ правило е дека виното секогаш мора да биде барем малку послатко од чоколадата. Според третото правило, содржината на какао е појдовна точка која го одредува изборот на виното. Колку повеќе какао содржи еднa чоколадa, толку подобро се комбинира со зрели и лесни црвени вина.

Кога ќе избереме добра комбинација на чоколада и вино, компонентите во виното ќе бидат нагласени благодарение на карактеристиките на чоколадата, и обратно. И тогаш ваквата дегустација станува вистински празник за непцата. Млечната чоколада со крем од ванила најдобро се комбинира со „пино-ноар“, чоколадата со крем од карамела одлично оди со бело пенливо вино, додека со крем од кокос се комбинира со мускатно вино. Темните чоколади со крем од малина комбинирајте ги со црно вино со силна миризба и нота на цреша, малина или слива, односно со овошни вина. Црното чоколадо со крем од портокал пак, е совршен гастро-пар со виното „шираз“.

Со колачи

Мислевте дека со колачите не оди вино? Тие се многу секси двојка! Наједноставното правило овде гласи – колку се колачите послатки, толку, па дури и повеќе, виното мора да биде поблаго. Единствен исклучок се колачињата подготвени со ликер, ананас или банани кои не сакаат вино. Тие си одат со ликер.