Еве со што Меланија го храни Доналд Трамп

0
1146

За време на посетата на Ватикан претседателот на САД Доналд Трамп и папата Фрањо разменија подароци, а во текот на разговорот во Апостолската палата, на сопругата на Трамп, Меланија, Папата ѝ постави едно чудно прашање: „Што му давате да јаде, потица?“, а таа се насмеа и одговори: „Потица, да“.

Некои агенции тоа погрешно го пренесоа пишувајќи дека поглаварот на Римокатоличката црква ја прашал Меланија Трамп дали му дава на сопругот пица.

Се разбира, папата не ја праша Меланија за пица, туку за потица, традиционално словенечко јадење, а како што знаеме првата дама на САД доаѓа од Словенија.

Ова јадење се состои од тесто и фил, најчесто фил од ореви и обично се служи на словенечките церемонии во странство, а е составен дел од Велигденското мени во Словенија.

Еве фотографија од оригинална потица која во Скопје допатува директно од Пивка, Словенија.

Состојки:

За тестото:

500 г брашно

70 г путер

2 дл млеко

60 г шеќер

4 жолчки од јајце

30-40 г квасец

парче кора од лимон

рум

сол

За филот:

600 г мелени ореви

100 г шеќер

40 г путер

1-2 дл млеко

1 ванилин шеќер

парче кора од лимон

рум

Приготвување:

  1. Брашното се става во сад а во средината се прави вдлабнатина во која се ставаат 2 лажици млако млеко, лажичка шеќер и здробен квасец. Се меша. Остатокот од млекото се смлачува и во него се растопуваат путерот и шеќерот, а потоа се трга настрана и се додаваат жолчките. Сѐ убаво се мати.
  2. Полека оваа смеса се става во брашното и се замесува тесто се додека тоа не почне да се одвојува од садот. Се остава на топло да нарасне.
  3. Во меѓувреме се прави филот: Млекото (за почеток се става 1 дл а потоа по потреба се додава уште) се става да проврие па во него се става шеќерот да се стопи, а потоа и путерот и оревите кои треба убаво да го впијат млекото (ако треба тогаш се додава и остатокот од млекото), ванилин шеќер, рендана кора од лимон и рум.
  4. Нараснатото тесто се расукува колку што може потенко. По целото тесто се премачкува филот. Се витка и се остава да стои покриено со крпа уште пола час.
  5. Потоа се премачкува со разматена жолчка и се пече прво 15 минути во загреана рерна на 180 степени, а потоа уште половина час на 200 степени.
  6. Кога ќе се испече се покрива со памучна кујнска крпа и се остава да се олади.