Ej, ова е како стариот добар македонски шарлаган

Така барем велат оние повозрасните, како татко ми, кои имале можност да пробаат нерафинирано масло, какво што некогаш се правело најчесто од афион, а потоа и од сончоглед, откако ќе го пробаат нашето масло, раскажува Роберт Коцев, постариот пријател и кум, а од неодамна и партнер на Александар Димитриевски, во производството на ладно цедено сончогледово масло.

0
1235

Ладно цеденото масло од сончоглед кое е релативно ново на нашиот пазар за првпат го пробавме на зелената тераса во „Јавна соба“ каде што во текот на јуни беше отворен пазар на наши локални и органски производи. Меѓу нив и Био Оил, ладно цедено сончогледово масло со вкус каков што досега не сум почувствувала, а за кој, како што подоцна ми објаснија производителите, е всушност вкусот на стариот добар македонски шарлаган.

„Во минатото, во Македонија се користел само ваков вид на масло, кое се добива со пресување и цедење на одредени растенија, а најмногу од афион. Ова масло се нарекува Шарлаган. Затоа и, оние кои некогаш во животот имале можност да го пробаат ова масло, како на пример татко ми, кој ми има раскажувано многу приказни за тоа како порано семето, најчесто афионово, а подоцна и сончогледово, се дробело со камења, а камењата ги влечеле коњи, кога ќе го вкусат нашето масло, изненадено велат: „Еј, ова е како стариот добар македонски шарлаган!“, раскажува Роберт Коцев, постариот пријател, кум, а од неодамна и партнер на Александар Димитриевски, во производството на ладно цедено сончогледово масло.

Во „Јавна соба“, во два наврати имаше презентација и дегустација за посетителите и емоции од восхитувања, а шеф Марк де Јонг кој готвеше со маслото, освен што направи превкусни специјалитети, го оцени маслото со врвни оценки.

Двајцата пријатели меѓу кои има речиси две децении, освен што се добри пријатели, ги поврзува кумство, а сега се и партнери во производството на Био Оил.

Александар е по професија дипломиран правник и магистер со сертификат за рециклирање на отпадни материи. Претходно работел како менаџер во погон за рециклирање на отпадно стакло и погон за рециклирање на отпадно масло, а Роберт е активно воено лице, висок воен офицер и сè уште припадник на Армијата но веќе при крај на кариерата и во очекување на пензија.

Тие, со години наназад го испитувале македонскиот пазар во врска со асортиманот на масло кое се нуди во малопродажба и утврдиле дека има дефицит од екстра квалитетни масла. После детални анализи на побарувачката и понудата на масла се решиле да изградат фабрика за производство на 100% природни ладно цедени масла. Иако не го дробат семето со камења кои ги влечат коњи, туку напротив, нивната фабрика е современа, со напредни технолошки решенија и ги исполнува сите критериуми за производство на храна и ХАСАП сертификат, вкусот на маслото е оригинален или што би рекле старите: како Шарлаган.

„Причината заради која решивме да почнеме со производство на сончогледово ладно цедено масло е тоа што сончогледот како суровина е најзастапен на нашето поднебје и истото е основно во секојдневната исхрана на секое домаќинство. Истовремено, секако дека е и поприродно населението во нашата земја да користи сончогледово масло зашто нашите предци го користеле овој производ. Нашето поднебје е природна средина за маслодајните култури кои се одгледуваат на овие простори и нормално е дека истите треба и да се користат во исхраната. Нутритивните вредности што ги има сончогледовото масло не се ништо помали во однос на маслиновото, а уште кога се работи за домашен производ, тоа е причина плус да го преферираме нашето масло во домашната исхрана. Сончогледовото масло има параметри кои покажуваат дека има повеќе здравствени придобивки во однос на маслиновото. Сончогледот е растение на Сонцето и нормално дека е огромна ризница на минерали и витамини корисни за човечкиот организам. Тоа значи дека нашето масло има импресивна содржина на масни киселини, вклучувајќи линолеинска, палмитинска, стеаринска и олеинска киселина. Во сончогледовото масло има и високо ниво на лецитин, токоферол, каротеноиди и разни витамини како што се витамин А, витамин Д и витамин Е, а богато е и со калциум, цинк, железо, бакар и протеини. Секако, не може да негираме дека и маслиновото масло е здраво и корисно за јадење ако е природно и ладно цедено. Но мора да имаме предвид дека на нашиот пазар се појавија масла со сомнително потекло кои се декларирани како природни. Во однос на овој проблем ние гарантираме дека нашиот производ е 100% природен и ги исполнува сите критериуми за здрава храна“, тврдат тие.

Со оглед на тоа што е познато дека ладно цеденото маслиново масло не е препорачливо за готвење, не интересираше дали истото важи и за ладно цеденото сончогледово масло.

„Првото масло произведено на нашите простори за кое зборувавме на почетокот, било познато како Шарлаган и истото наоѓало широка примена во домаќинството. Тоа е турски збор и означува чисто масло, а се произведувало од афионово семе. Нормално, тоа масло било единствено и се користело за сите потреби во домаќинството. Години подоцна истото масло се користело за рафинирање, односно шарлаганот веќе не бил присутен на македонскиот пазар. Ние го вративме преку нашиот производ и го препорачуваме да се користи како и во тие дамнешни времиња, за сите потреби во домаќинството.

Откако се случи оваа магија со нашиот производ во нашите домаќинства може да се најде само нашето ладно цедено масло и го користиме за сите намени. Ние дојдовме до заклучок дека маслиновото масло може да се замени со ладно цедено сончогледово масло за севкупна употреба во домаќинството, но сончогледовото не може да се замени со маслиново. Тоа е причината зошто домаќинствата користат сончогледово масло и тоа рафинирано за готвење, а маслиново за салати. Ние имаме намера да го смениме тоа и нашето ладно цедено сончогледово масло да биде единствено и за севкупна употреба во секое домаќинство“, велат нашите соговорници.

 

Иако ова е семеен бизнис, тие двајца се основните двигатели на целиот процес. Заедно ја поставиле производствената линија и го осмислиле процесот со сите елементи. Изработиле проект и ги анализирале сличните проекти кои им биле достапни на електронските медиуми, па на тој начин се едуцирале самите, си ги отстранувале недостатоците за на крај да постават современа линија за производство на ладно цедени масла која одговара на сите критериуми за производство на храна со можност истата сукцесивно да ја надградуваат.

„Оставаме простор во проектот да се вклучат и наши блиски и да се развива фабриката во центар на хармонија, каде основата на успехот ќе биде позитивната енергија. Ние сме длабоко убедени дека само на ваков начин, кога имате спој на работа и задоволство, може да се постигне успешен бизнис. Најголемата поддршка ја имаме од нашите најблиски и сите од самиот почеток верувавме во проектот, а сега треба да ги убедиме и институциите во нашата земја за да добиеме поддршка и од нив“, вели Александар.

Во однос на цената, тие сметаат дека нивното ладно цедено масло, ако се земат предвид неколку работи, излегува дека не е поскапо од рафинираното, туку може да се каже и дека е поевтино.

„Според нашите процени, еден литар од нашето ладно цедено масло менува 3-4 литри рафинирано масло. Добар дел од нашите потрошувачи ни ги пренесоа нивните искуства дека со само неколку капки успеале да го подмачкаат садот за готвење. Тоа е затоа што нашето масло е погусто, има голема подмачкувачка моќ и не испарува при готвењето. Исто се однесува и во салатите и во секое јадење, а од друга страна пак, ѝ дава прекрасен вкус, односно, сосема друга димензија на храната. Ако на сето ова се додаде и дека станува збор за природен производ со многу здравствени придобивки, корисен за здравјето на луѓето, кој може да се користи и како лек за многу здравствени проблеми, од стомачни тегоби, кардиоваскуларни болести, до проблеми со холестерол, тогаш ќе видите дека цената е ниска. Затоа и одговорно тврдиме дека маслото на Био-Оил не е луксуз, туку неопходна потреба во секое домаќинство.

И згора на се, и нашите суровини се исклучиво домашни, од македонско потекло. Впрочем, тоа е нашата визија, преку нашето производство на ладно цеденото масло го афирмираме и македонското земјоделство. Знаеме дека постои одредена доза на разочараност кај земјоделците во однос на откупот на маслодајните култури. Многу земјоделски површини кои традиционално биле покриени со маслодајни посеви, останаа незасадени. Во однос на тоа ние планираме да склучуваме и договорно производство на сите растенија кои се одгледуваат на нашите простори со загарантирана цена. Покрај тоа планираме и да им помогнеме на земјоделците со ѓубрива и погонски горива за на крај да имаме маслени производи од кои ќе имаме корист како ние, така и земјоделците и нашите потрошувачи“, велат тие.

Во перспектива на развој, тие планираат да прават масло од сите маслодајни култури кои може да се сретнат на нашите простори. Актуелно, во процес на изработка во нивниот погон е афионово семе и веќе имаат одредена количина на афионово масло, кое деновиве ќе се најде во малопродажба.

„После период од неколку децении недостаток на афионово масло на македонскиот пазар ние имаме ексклузивна можност да го понудиме истото на нашите потрошувачи. За придобивките од афионовото масло може многу да се каже, а ако ’прогуглате‘ ќе ги видите сите придобивки. Понатаму, предизвик ни се и семките од грозје, семките од тиква, лешници, ореви, маслодајна репка. Имаме многу планови многу енергија и ентузијазам и веруваме дека имаме убава мисија која ќе остави трага на нашите простори. Најважно од се е задоволството на нашите потрошувачи и импресиите што ќе ни ги пренесат откако ќе го пробаат нашето масло. Инаку, имаме можност да го доставиме маслото на барање на нашите сограѓани на цела територија на нашата татковина, а нашите активности можете да ги следите на Фејсбук страницата „Био Оил Вкусот на Сонцето“, порачуваат Роберт и Александар.