Душко Христов: Треба да се јаде секој ден, а не само на 16.Октомври

Претседателот на Банка за храна Македонија посочува дека тие, како организација која 8 години води борба со сиромаштијата и гладот во нашата држава, собираат и делат храна 364 дена во годината. „Нашето мото е да „ставиме клуч“ на Банката за храна Македонија, бидејќи тоа би значело дека нема гладни луѓе во нашата држава“ вели Христов.

0
279

„По повод овој 16.октомври – Светскиот за борба против гладот, ние како организација со нашите партнер-организации, не организираме никакви хуманитарни настани за собирање на храна од причина што во изминатиот период собравме доволно храна (над 3 тони), која ќе биде споделена со 50-тина фамилии, редовни корисници на храна која им ја доставуваме ние заедно со Еурохуман-Интернационал од Скопје.

Ставот на нашата Коалиција против гладот и фрлањето храна е дека на тој ден не треба да се собира храна, бидејќи истата се собира и се дели во текот на другите 364 денови, а на тој ден сме сложни во акции и активности за подигање на свеста кај јавноста за проблемите со кои се соочени поголема група наши сограѓани.

Ние ТОЧНО знаеме кому и колку му е потребно, ние имаме чисти листи на корисниците на таква помош, наспроти ад-хок иницијативите од кои, дел од корисниците имаат и повеќекратна добивка, додека голем дел не добиваат ама баш ништо“, вели претседателот на Банка за храна-Македонија, Душко Христов во интервјуто за Арт кујна.

Иако нема да делите храна, најавувате некакви активности со кои како Банка за храна ќе го одбележите денот за борба против гладот. За какви активности станува збор?

Од 15.до 22. октомври имаме бројни активности. Покрај споменатите обзебедени и спремни пакети со храна, имаме и неколку панел дискусии за темата сиромаштија, наспроти фрлање храна, а во Македонија ќе ни биде гостинка и генералниот Секретар на Европската Федерација на Банки за Храна – ФЕБА, госпоѓица Ангела Фриго, која е и лидер на работната група во Европскиот Парламент каде е претставник на над 1300 Банки за храна ширум Европа, особено на темата фрлање храна, посебни ЕУ програми за помош на лицата во социјален ризик, социјална иклузија преку Банкарството со храна, итн.


Како битен дел од одбележувањето на Неделата против гладот, е и закажаната презентација и тркалезна маса на 19. октомври (петок) во рамки на ВСС ефект проектот поддржан од Европската Унија, каде ќе ја презентираме првата и единствена анализа од спроведеното истражување на тема „Националната и европска легислатива и политики за безбедност на храна и фрлање храна“, на кој настан ќе се обрати и Г-ца Ангела Фриго со „тазе“ информации за тоа што се случува во Европа и кои се препораките од таа страна на светот.

Само мал дел како подгревање за тоа што сакаме да постигнеме и кон што треба да целиме од претстојната презентација на анализата, и тоа со наслов: Што можеме да направиме за да поттикнеме нефрлање, односно, донирање на вишокот на храна?
Ние велиме:
Во рамки на Законот за безбедност на храна (ЗБХ), да дефинираме што е вишок храна, кои се непрофитни оператори со храна кои редистрибуираат донирани вишоци храна, кои се крајни корисници и сл.
Да го дефинираме и регулираме системот на донирање вишок храна кој ќе гарантира следливост на храната, безбедност, права и обврски на сите инволвирани страни.
Да донесеме Стратегија за управување со вишокот на храна, која ќе ја уреди хиерархијата за управување со вишокот храна по примерот на Франција, Велика Британија, Италија, итн.
Да спроведеме анализа за колку средства годишно се потребни за безбедно да се донираат, складираат и редистрибуираат донираните вишоци храна.
Да почнеме сериозни едукативни обуки, акции и кампањи.

Некогаш и секогаш е подобро да се предочат вистинските проблеми со кои се соочува нашето општесетво и секако, да се бараат најдобри решенија.
Никој не умрел немајќи храна 2 – 3 дена, ама многумина мака ќе мачат доколку не се најде соодветно, исправно, одржливо и долгорочно решение за проблемот со сиромаштијата, посебно со гладот кој е најтежок вид на сиромаштија.

Како се развиваше проектот Банка за храна и кој беше вашиот мотив?

Почетоците на Банкарството со храна во Македонија досегаат уште во 2009. Година. Тогаш една група од над 15 пријатели, членови на нашите фамилии, накусо, група хумани луѓе кои веќе во одредени ситуации и моменти се собираа преку социјалните медиуми, кои иако во тоа време беа послабо распространети и во функција на мас-социјално медиумско комуницирање, сепак  успевавме да најдеме мотив, начин и можности да се собереме и закажеме „битка против гладот“, собирајќи значајни количини на храна и прехранбени производи (имаше и облека, школски прибор, па и дел од намештај се донираше…).

Ние како „Банкари со храна“, ги зачестивме активностите, почнавме интензивно со претставување со целта и мисијата на организацијата која официјално почна да работи на почетокот на 2011 година, кога веќе во април 2011. бевме поканети и за првпат гости на годишното собрание на Европската Федерација на Банки за храна – ФЕБА во Лисабон, Португалија. Истата година во декември 2011. веќе добивме дозвола да го користиме логото на ФЕБА и преку посебен придружен статус т.н. проект на ФЕБА, почнуваме да „припаѓаме“ во едно големо европско семејство од тогашни 242 банки за храна.  Од тогаш до ден денес сме постојани учесници на сите годишни собранија на ФЕБА со право на дискусија, предлози, но без право да можеме да бираме и да бидеме бирани во раководните тела на Федерацијата, но со надеж дека оваа 2018. ќе бидеме и ние полноправна членка на огромното европско семејство, бидејќи сите услови за полноправно членство се исполнети од наша страна (последното годишно Собрание на ФЕБА за 2018 година беше од 23.до 26.мај во Будимпешта).

Од каде доаѓаат донациите, дали имате некаква поддршка од носителите на јавни функции, од државата?

Првите донации во храна и прехранбени производи кои пристигнаа во Банката за храна Македонија беа од индивидуи, пред се хумани граѓани, но и од нас самите основачите и членовите на нашите фамилии.

Првите официјални институционални претставувања на Банката за храна беа упатувани до тогашните носители на јавни функции во Владата на РМ, до сите градоначалници и дел од јавниот влијателен свет, но повратна информација или било какво известување не стигна од никој, освен од тогашниот градоначалник на општина Струмица и денешен Премиер, г. Зоран Заев.

Се уште сме во фаза на вербална поддршка од страна на Владата на РМ и Премиерот Заев, како и Министерствата за труд и социјална политика и земјоделие, но очекуваме  се повеќе институции да го прифатат овој модел на директна помош насочена кон социјално загрозените и сиромашни наши сограѓани, а со тоа и директна борба и справување со сиромаштијата и гладот во нашето општество.

До какви сознанија дојдовте во сиот овој период откако го започнавте Проектот Банка за храна? Дали и колку гладни луѓе има во Македонија?

Веќе во 2012 ја имавме една од почетните, но доста плодна година на успех во присобирањето и поделбата на храна и прехранбени производи  до фамилиите и поединците во социјален ризик. Од тогаш до ден денешен собравме и поделивме над 600 тони храна ( по формулата на ФЕБА то би било над 3 милиони оброци), истата стигна до над 3.000 луѓе ширум државата, од 2013 година секој ден, 365 дена во годината подржуваме над 300 лица, а од 2017. година со партнер организацијата Еурохуманинтернационал од Скопје, по периферијата околу Скопје на месечна основа поддржуваме над 50-тина фамилии со по еден прехранбен социјален пакет.

Што се однесува до бројката, во изминатите години па и денес, главен предизвик ставаме на востановување и „чистење“ на листите на корисници, бидејќи значајна бројка на корисници и нема потреба од ваков вид на поддршка, можеби некоја друга поддршка би требало да добијат, но сигурно не храна и прехранбени производи, од причина што и самите имаат „доволно“ за да го поминат денот-месецот.

Бројките кои „флертуваат“ со нашите очи и уши од над 455.000 граѓани кои не можат да си дозволат барем еден достоен оброк дневно се малку застрашувачки, некој би рекол и нереални, и ние велиме дека има простор за грешка во оваа констатација. Имено, со сигурност можеме да кажеме дека над 70.000 граѓани имаат 2 – 3 оброка неделно и тоа е факт од терен кој се темели на бројни истражувања кои ги имаме реализирано во изминатиот период.

Дали соработувате со други сродни организации или проекти?

Предизвик на денешницата за нас е и „трошење“ на енергија за обединување на сите иницијативи кои се изродија во изминатите три-четири години. За поздравување се сите тие, но мораме да најдеме заедничка основа за синергија, бидејќи во спротивно страдалниците пак ќе страдаат, а никому тоа не му оди во прилог. Ваквите иницијативи се само уште еден показател дека темата со борбата против сиромаштијата, нефрлањето храна, не треба да се занемари и е доволен показател за состојбата во нашето, па и во многу други поразвиени општества.

Поткрепа на информацијата за состојбата во другите поразвиени општества ја потврдуваме со фактот дека Банката за храна Македонија веќе полни седум години е придружна членка на Европската Федерација на Банки за Храна – ФЕБА, а со самото тоа ја имаме сликата и бројките од цела Европа, која и не е баш така „розова“, и таму има лица во социјален ризик, и таму има (не секаде) сиромаштија и немаштија, но, сепак тоа се општества каде свеста кај институциите, граѓаните, граѓанските иницијативи и бизнис заедницата наоѓаат заеднички именител кога се работи за помош и поддршка на тие групи социјално загрозени граѓани, но и се обединуваат во глобалната акција против фрлањето храна, бидејќи гладот е најтежок вид на сиромаштија.

Како информација за читателите што е тоа Европска Федерација на Банки за Храна – ФЕБА, тоа е најголемата мрежа на Банки за храна во Светот, во која како поединечни Банки за храна членуваме 386, со дополнување дека и Федерацијата на Германската Банка за храна – ТАФЕЛ брои дополнителни 934, а тоа значи дека не има над 1300 Банки за храна, во директна соработка со над 44.700 граѓански иницијативи и организации и со над 23.500 волонтери.

Секој ден преку овој систем, вклучувајќи ја и Македонија, се дистрибуираат над 4.1 милион оброци, а минатата година се собрани и поделени над 750.000 тони храна која како еквивалент одговара на директна помош на дневна основа од над 8.1 милиони луѓе.

Како наш придонес кон овие бројки за минатата година се собраните и поделени над 96 тони храна која стигнала до над 3.000 корисници по разни основи и потреби, но сето тоа не може да се реализира ако се нема соработка и помош од партнерите кои морам да ги споменам бидејќи оваа макторпна и секојдневна битка ја биеме сите заедно, а тоа се: Организацијата на жени од Струмица, Младинска Алијанса од Тетово, НРЦ од Куманово, ЦГИ од Прилеп, МКЦ од Битола, Порака Неготино, РЕТО центарот од с. Батинци, Еднакви за сите од Кочани, КОР од Скопје, Еурохуманинтернационал од Скопје, Куќа на надежта – Ленче Здравкин од Велес, Еко живот од Кавадарци, Сојузот на хуманитарни организации од Скопје, МХД од Тетово, Вавилон центарот од Струга, како и многу други поединечни граѓански иницијативи кои се јавуваат во одредени периоди од Скопје и другите градови и општини од државата.

Со кои компании соработувате?

Бројни се компаниите кои полека но сигурно се приклучуваат на нашата заедничка иницијатива за борбата против сиромаштија и нефрлањето храна, бројни се и инцијативите за соработка кои доаѓаат од локалните власти – градоначалниците на Центар, Кавадарци, Прилеп, Брвеница, Јегуновце, Делчево, Пробиштип кои ја препознаа филозофијата на Банкарството со храна како добар модел за помош и поддршка на фамилиите и лицата во социјален ризик.

Дали некои од вашите актуелни проекти се поддржани од ЕУ?

Како потврда на нашите заложби и достигнувања во изминатиот период дојде и тригодишниот проект „ВСС Ефект – зајакнување на капацитетите и подобрување на надлежностите за вистинско ублажување (со храна) на сиромаштијата“, проект поддржан од Европска Унија, чија цел  е да поттикне носење на законска регулатива која ќе го превенира и редуцира отпадот од храна, со дополнителен фокус на јакнење на капацитетите на партнерските организации на Банката за храна, како и на мотивирање на пошироката јавност за заедничка борба против сиромаштијата и гладта во земјата. Ова е прв ваков проект финансиран од Европската Унија во делот на Банките за храна и регионот на Југоисточна Европа.

Јавноста ќе биде сведок на сите активности  кои ги реализираме и ќе ги реализираме и во рамки на самиот проект, но и сведок на бројните акции кои како Коалиција против гладта и фрлањето храна ќе ги спроведеме во деновите, месеците и годините кои доаѓаат.

На крајот, нашето мото е да „ставиме клуч“ на Банката за храна Македонија, бидејќи тоа би значело дека нема гладни луѓе во нашата држава!