Дејан Карапеев: Најпознатиот македонски шеф со кујна на море

0
1980

Тој е можеби најмладиот македонски шеф, но не и со најмало искуство. Дејан Карапеев има 28 години, а зад себе веќе 13 години искуство.

Да, да, тоа е случај речиси со сите наши професионални готвачи кои завршиле во средното угостителско училиште бидејќи таму, веќе од втора година учениците почнуваат со пракса во рестораните.

Дејан сакал да готви уште додека бил многу мал и од секогаш, како што вели и самиот, бил „буцко“, сакал да јаде и да ѝ се плетка на мајка си во кујна. Се сеќава дека еднаш некаде на гости пробал чоколадни бомбици кои одлично му „легнале“ па решил и самиот да ги направи дома. Кога стасало време да се запише во средно, под влијание на родителите кратко се двоумел помеѓу медицина и гастрономија, но сепак се одлучил за второто. И не згрешил.

Ужива во својата работа и ја прави со голема љубов, умешност и креативност.

Многу е млад, но и амбициозен. Со своите колеги од здружението Macedonian Multiethnic Culinary Chefs соработува беспрекорно, а токму еден од нив, шеф Зоран Мајновски со кој го направивме и првото од серијата интервјуа со членовите на ова здружение, беше наш домаќин. Со Дејан зборувавме во ресторанот „Естел“, но се надеваме дека следната средба ќе биде на отворено море.

Шега на страна, Дејан половина година, веќе цели 7 години работи, поточно, ужива готвејќи им на гостите на Аборда јахтинг, една од најлуксузните јахти (се наоѓа во топ 6 што пловат по хрватските острови), а годинава, токму поради неговата маестралност во кујна, го добиле и признанието за најдобра храна на Јадранот. За тоа како дошол дотаму, раскажува:

„Почнав со пракса уште на 15 години во ресторанот „Тренд“ кадешто ме задржаа како испомош со тоа што добивав веќе и некаков хонорар бидејќи почнав да работам полно работно време. Оттаму продолжив со работа уште во неколку ресторани, од секаде добивав искуство и учев, а на 18 години со мојот учител-шеф Дејан Тодоровски првпат отидов во Загреб кадешто тој беше шеф на Хелас, првиот грчки ресторан кој се отвори во Загреб. Таму бев само една година како негов асистент, а потоа се префрлив во ресторанот „Мали шкој“, исто така во Загреб.  Во тоа време таму имаше многу туристи од секаде, од Холандија, Кина, се организираа гастро тури, односно по организираната прошетка по центарот на градот туристите ги носеа на ручек во рестораните со кои постоеше таква соработка, а меѓу нив беше и нашиот. Тоа беше едно поразлично искуство за мене, бидејќи се беше на едно високо ниво, се готвеше само за 30 луѓе, главно, со свежи морски производи. Таму научив многу за приготвувањето на свежа риба и морски плодови, а подоцна стекнував искуство и во Макарска кадешто извесно време продолжив да работам сезонски.

Со оглед на тоа што во Хрватска работам од 18 години, стекнав големо познавање од тој дел на гастрономијата, па пред 7 години почнав да работам тука, на Аборда јахтинг. Станува збор за приватен брод за најмногу 14 гости, со персонал од пет луѓе. Бродот е долг 30 метри и има 7 луксузни кабини, а на него се организираат седумдневни тури. Сега се гради и многу поголем и полуксузен брод, па продолжувам понатаму. Повеќето од гостите се од Америка, од Јужна Африка, од Аргентина почнаа често да доаѓаат потомците на оние кои од некои  делови од хрватското приморје се иселиле таму за време на Втората светска војна, а од Европа најчесто доаѓаат гости од Шпанија, Германија, Франција и Италија. Сите тие се богати луѓе, па на пример, пред три години тука беше адвокатот на поранешниот американски претседател Обама, некои од листата на првите 50 на Форбс, т.н.кралеви на нафта, па богати Кинези, итн.

Јас уживам во оваа работа, а со гостите буквално се дружиме во текот на седумдневното крстарење и сите тие се интересираат од каде доаѓам, колку време сум шеф и слично. Многумина знаат за македонија па дури и за тоа дека има политички проблеми со Грција, но на многумина пак, морам да им објаснувам каде се наоѓа Македонија. Сега на бродот е изложена и мојата книга „Од длабочините на морето“, па речиси сите гости си заминуваат од бродот со еден примерок.

Токму тука, за време на моите слободни часови добив идеја да ја направам оваа книга бидејќи сакав да оставам еден мој печат за тоа што сум работел сите овие години во Хрватска. Тоа е монографија во која подетално и сликовито е претставен дел од морскиот свет на Јадранот кој е карактеристичен за медитеранската кујна, во издание на „Култура“. Ова е прва книга напишана на македонски и на англиски, од македонски професионален готвач.

Книгата е поделена на 6 поглавја- на плави, бели риби, лосос кој спаѓа во групата на пастрмки, мекотели, ракови и школки, верно се доловени, фотографирани свежите плодови и нивните карактеристики, а потоа се насочив на рецептите… “, раскажува Дејан.

Сите рецепти кои ги има во книгата ги приготвил и ги фотографирал додека работел во скопскиот ресторан „Фрути Ди Маре“ кадешто четири години по ред работел во текот на зимскиот период, откако ќе му завршела сезоната на море. Последните три години одлучил повеќе да не работи во ресторани откако ќе си дојде на копно, туку да се посвети на некои други ангажмани. На пример, сега подготвува мени за новоотворениот ресторан во Негорски бањи во Гевгелија, со локални намирници.

„Сега сакам малку повеќе да се посветам на нашата храна. Од септември одам на новата јахта, но дотогаш и во меѓувреме, сакам да работам повеќе со нашите локални производи и да правам наша традиционална храна, но на еден нов, модерен начин. Она што ме очекува многу скоро е снимање за Kitchen TV. Тоа е прв проект во регионот кој е во целост посветен на готвењето, исхраната, туризмот, културата, традицијата, но и едукацијата за здрави животни навики, со кој се опфатени сите бивши југословенски држави и Бугарија, а јас ќе бидам првиот готвач од Македонија. Со мојата поранешна наставничка Василка Стефановска, инаку претседател на Слоу фуд Водно, веќе правиме концепт за она што ќе го правам таму, а во план ми е и нова книга, овојпат посветена на македонската храна и на нашите локални производи, токму во духот на она што е концепт на Слоу фуд“, раскажува Дејан.

Овој концепт нему не му е нов бидејќи веќе беше дел од настанот „Тера Мадре Балкан“ во Брисел кадешто паралелно со македонската вечер која ја приготвуваше Дејан во ресторанот „Чез аугуста”, во други осум ресторани низ Брисел се одржуваа вечери и на останатите осум земји – учеснички на „Тера Мадре Балкан”: Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Хрватска, Бугарија, Романија и БиХ.

Таму нашиот шеф подготвил модар патлиџан полнет со тавче-гравче и јагнешка коленица во сос од праз и суви пиперки, додека десертот бил сладолед од кадаиф, ореви и суво грозје. Всушност, на чипс од кадаиф додал сладок прелив од станушина, а врз него имало слатко од дива смоква со младо кравјо сирење.

Невообичаено и превкусно, а на изглед преубаво, велат оние кои биле таму.

Дејан беше дел и од настанот кој се одржа од 12 до 14 октомври во Охрид „Taste Ohrid 2018“, кадешто за гала вечерата готвеше со српскиот шеф Ѓорѓе Крстиќ и романскиот шеф Раду Зарнеску, но и со своите колеги од здружението за коктелот на отворено.

Засега нема амбиции да отвори свој ресторан, иако токму тоиа му бил планот до пред неполна една година, но сепак откако подобро размислил, одлучил дека е попаметно да продолжи со својата работа на брод, а сонот за свој ресторан да го остави за некое друго време, евентуално, кога ќе има свој сопствен простор.

Навикнат е на животот на бродот и престојот на море навистина му годи иако на почетокот имал неколку ситуации кои му биле малку стресни, сега е веќе искусен „морски волк“.

„На почетокот ми беше малку стресно кога имаше невреме или посилна бура па ми се има случено на пример, да ми се преврти наопаку цела торта и да мора одново да приготвувам нов десерт, но сега, секое поминато невреме ми дава повеќе сила. Исто на почетокот бидејќи не го разбирав добро далматиснкиот дијалект, ми се случи да не го разберам капетанот кој ме прашал дали сум ја прицврстил кујната па кога испловивме фрижидерот ми излета дури во ходник. Но сега веќе одамна немам такви проблеми, а далматинскиот и англискиот ми се како мајчин јазик“, вели Дејан кој наскоро ќе добие и хрватски документи бидејќи веќе има доволно години непрекинат работен стаж па во Хрватска ги има сите права како и Хрватите со исклучок на правото да гласа на избори.

„Тоа сигурно нема да ми недостасува“, се смее Дејан.

Дејан често ја подготвува храната на бродот пред гостите додека им ја објаснува целата постапка