Даниел Пикл: Досега сум јадел скакулци, црви, штурци, мравки, свилени буби

Тој е еден од пионерите на исхраната со инсекти во регионот, оснивач на првата фарма за инсекти во Загреб и вљубеник во инсекти, кој последниве години на својот блог Cricky ја промовира оваа несекојдневна исхрана.

0
495

Оние кои некогаш биле извидници, веројатно, како и мојот пријател, во рамките на обуките за преживување во природа, испробале печени скакулци. Такашто, кога му кажав дека ќе правам интервју со еден од пионерите на овој светски тренд во исхраната во регионот на поранешните југословенски републики, не беше многу изненаден од темата на разговорот.

„Ние како извидници јадевме скакулци, ги печевме на плотна врз отворен оган и беа вкусни, така, крцкави“, ми раскажа тој и ми рече да го прашам мојот соговорник како тоа што беше дел од животот на извидниците некогаш, денеска стана светски тренд и дали тој самиот некогаш имал слично искуство.

И секако дека го прашав. Информацијата за извидничкото искуство на мојот пријател не ја коментираше, но рече дека досега испробал повеќе видови на инсекти.

„Досега сум пробал различни инсекти (скакулци, разни видови црви и штурци, мравки, свилена буба,…). Глобално, трендот на консумирање на инсекти е во голем пораст и стартапите како мојот можат да се очекуваат во уште поголем број.

Стотици различни видови штурци, скакулци, муви, мравки, молци, црви и разни други инсекти се одгледуваат со таа намена – за исхрана на човекот. Најмногу се јадат на тлото на Азија, Африка и Јужна Америка“, објаснува соговорникот во разговор за „Арт кујна“.

Меѓутоа, кај нас, а и во регионот, ова е сѐ уште една нова и необична тема.

Нашиот соговорник ја основал својата прва мала фарма која е лоцирана во Загреб, во 2016.година, а моментално работи на изградба на поголема фарма со поголем капацитет.

Идејата за ова ја добил случајно, сурфајќи на интернет стасал до напис за употребата на инсекти во исхраната на луѓето, па почнал да истражува.

„Сфатив дека е тоа работа со голем потенцијал. Потоа го направив блогот cricky.eu и кога медиумите го открија, почнаа интервјуата, настаните, готвењата, и слично, во Хрватска и Словенија. Во овој момент 2 милијарди луѓе секојдневно консумираат инсекти, а јадливи се повеќе од 2 илјади видови.

Од тој број се користат отприлика дваесетина видови кои се покажале како најсоодветни за одгледување. На пример, скакулците имаат многу квалитетен протеин и исто така, се одгледуваат, а се посебно популарни во Мексико (Chapulines), кадешто се приготвуваат и се консумираат на различни начини“, вели Пикл.

Вкусот на инсектите што ги пробал досега, тој го споредува со вкусот на јаткастите плодови, лешници.

Меѓутоа, вели, секој вид има свој специфичен вкус на кој може лесно да се навикнеме. Покрај тоа, инсектите можат да се зачинат или брашното од нив да се употреби во кое било јадење.

Оние видови инсекти со најголем потенцијал за исхрана на луѓето и животните во ЕУ се:

  • Tenebrio molitor – брашнест црв
  • Alphitobus diaperinus – помал црв брашнар
  • Acheta domesticus – домашен штурец
  • Gryllus bimaculatus – африкански црн штурец
  • Hermetia illucens – BSF (black soldier fly) црна војничка мува
  • Locusta migratoria – европски скакулец
  • Bombyx mori –свилена буба
  • Zophobas morio – ларви на црвот фобаса
  • Musca domestica – домашна мува
  • Orthoptera skupina – Oxya spp., Melanoplus spp.,
  • Hieroglyphus spp., Acridia spp.) – скакулец
  • Rhynchophorus ferrugineus Olivier – црвена палмина пипа
  • Chrysomya chloropyga – зелена мува.

Но во Хрватска, во моментов производството и продажбата на инсекти и производи од инсекти за исхрана на човекот се забранети.

Меѓутоа, наскоро треба да стаса нов европски закон со кој ова би можело да се регулира. Токму затоа, сите производи кои тој ги користи за презентации и готвење се набавени во странство од проверени производители, а не од Хрватска.

Засега на својата фарма тие го одгледуваат видот Gryllus Assimilis – штурец, a претходно одгледувавме и Tenebrio molitor – брашнест црв.

Минатата година тие биле во најдобриот словенски ресторан ЈБ, на сопственикот Јанез Братовж и со него приготвиле некои јадења со инсекти. За ова бил објавен прилог во словенското списание Zarja.

Исто така, минатиот месец готвеле за редакцијата на „24 часа“, приготвиле повеќе видови хамбургери, палачинки и салата.

„Беше многу забавно и повеќето луѓе кои ја пробаа храната со инсекти беа пријатно изненадени од вкусот. Ваквиот облик на исхрана има светла иднина не само кај нас, туку глобално, затоа што повеќето европски земји веќе одамна го препознале ова, а некои држави прилично напредувале во производството и преработката (Швајцарија, Белгија, Данска, Финска, Шведска, Холандија, Австрија и Франција, како и САД)“, вели Пикл.

Тие досега оствариле соработка со Прехранбено Биотехнолошкиот факултет во Загреб и нивното здружение Пробион, а Пикл бил гостин на нивниот настан на темата инсектите во исхраната на човекот. Наскоро сличен настан ќе биде организиран на Агрономскиот факултет во Загреб.

Идејата на проектот Cricky, вели Пикл, е да биде централно место на сите одгледувачи на инсекти за исхрана на човекот во Хрватска, да има сопствено производство на сировини и производи (брашно, енергетски барови, тестенини), да врши откуп на сировини од партнерите-одгледувачи, како и организација на едукации, семинари, помош при реализирање на проекти и фарми на инсекти, набавка на опрема.

Се договоривме во прва прилика да се видиме и да се информираме подетално за сѐ во врска со инсектите за исхрана на човекот и, се разбира, да пробаме нешто!