Органски мед, органски млечни производи, органски зеленчук и овошје, органско кафе, органски зачини, органски житарки и многу повеќе, ќе може да се пробаат и да се купат утре и задутре (6.09 и 7.09) на плоштад Македонија кадешто ќе се одржи 9.издание на „Фестивалот на органска храна“.
Утре и задутре (петок и сабота) од 10 до 18 часот на плоштадот Македонија по деветти пат во Скопје ќе се одржи Фестивалот за органска храна и здрав начин на живот.
Она по што се разликува годинешниот фестивал од изминатите се поголемиот број на разновидни работилници поврзани за органската исхрана, но и балансирање на здрав начин на живот, за важноста на физичката активност.
Оваа година на Фестивалот ќе има повеќе од 20 изложувачи со разновиден спектар на органски производи. Од органски мед, органски млечни производи, органски зеленчук и овошје, органско кафе, органски зачини, органски житарки, до органска козметика.
Во организацијата на Фестивалот четврти пат по ред е агенцијата Подиум. Затоа на оваа тема разговаравме со Деспина Козаровска, партнер во агенцијата. Таа во организацијата на овој фестивал учествува по четврти пат, а овој фестивал има за неа посебно значење.
„Од мое лично име, сега кога веќе сум и мајка, повеќе се посветив кон тоа да истражувам за органската храна и здравиот начин на живот. Секогаш кога имам можност гледам што повеќе да се информирам и да најдам производители на органски производи.
Органските производи навистина имаат побогат вкус и секако се разликуваат од класичното масивно производство. На пример, палачинките со домашни (органски) јајца или питата со јаболки, имаат многу побогат и поинтензивен вкус. Кој не пробал, може да дојде да ги проба производите на ова деветто издание на Фестивалот на органска храна“, вели Деспина.
Таа потенцира дека годинава се најмногубројни производителите на мед, но среќна е што годинава сите заедно ќе имаме можност да вкусиме и органско пиво, вино, јаболка, и така натаму.
„Има учесници од цела Македонија, а препорачуваме да се проба сѐ, бидејќи органските вкусови се навистина посебни“, порачува Деспина.