Дали со пиво би мезеле чоколадо?

Иако можеби не е многу вообичаена комбинација, оваа е една од оние што едноставно треба да се пробаат. А дали со пиво ќе мезите чоколадо или со чоколадото ќе пиете пиво, тоа си е ваша работа.

0
311

„Пред 20 години понудата на пиво се сведуваше само на светли и темни и „грчки“ и „кочански“ односно грч и кочан ладни пива и се консумираа само и строго со кикирики (понекогаш и со смоки со вкус на кикирики). Денес понудата веќе секојдневно се збогатува и постојат речиси 50-тина категории на пивски стилови. Токму поради тоа, секој пивски стил си бара посебен и соодветен третман за подобро да го запознаете и прифатите. На вас останува дали ќе ви се допадне или не“, вели Марјан Костадиновски, кој е организатор на утрешната дегустација на пиво и чоколадо во „Кашмир“. Настанот, поточно, дегустацијата ќе се одвива утре (11.02.), од 18 до 19 часот. Влезот е 600 денари, а можат да присуствуваат само 20 посетители.

Го прашавме Марјан што е тоа што ги поврзува пивото и чоколадото.

„Пивото и чоколадото се деликатна рамнотежа на горчливи и слатки вкусови. Најуспешното спарување ќе се случи кога избалансираното пиво ќе ги истакне вкусовите на чоколадото. Дегустацијата сама по себе е едноставна. Парчињата чоколада се во мали количини / парчиња. Секој посетител добива по 20 мл пиво, а додека ова се одвива презентерот може да ја опише комбинацијата и да раскаже за пивото. На крајот секоја поврзаност е субјективна, а вам ви останува само да  уживате.

Целата работа е всушност една забава, повеќето од сите видови на пиво совршено одговараат со различни типови на чоколадо. Иако пивото и чоколадото на многумина на прв впечаток им се чини дека немаат ништо заедничко и дека никако не одат едно со друго, сепак различните вкусови на чоколади со различните пивски стилови кои ги имаме денес прават една извонредна гастрономска сензација. Чоколадото се движи од мноштво на вкусови, од интензивни до лесни и меки, а сето тоа прави еден добар спој со различните варијации на пивските стилови.

Темното чоколадо лесно се спарува со речиси секој вид на пиво. Стаут пивото содржи силни чоколадни ноти и ароми на кафе, што го прави  добра варијанта во спојот со некое слично црно чоколадо со повисок процент на какао. Пилснер пивото оди со помал процент на темно чоколадо за разлика од пченичното пиво кое поради неговите овошни ароми добро одговара со некое темно чоколадо дополнето со цитрусно или некое слично овошје.

Млечното чоколадо е малку потешко да се спарува поради повисокото ниво на шеќери. Пале але или ИПА пивата најдобро се спаруваат со млечните чоколади. Горчината на пивото е контраст на блажината на млечните чоколади“.

А на репертоарот на оваа интересна дегустација ќе се најдат:

 

Benediktiner Weisbeer (Германија) Бело чоколадо со бадеми и нешто слично
Köstritzer Schwarzbier (Германија) 75 % какао црно чоколадо
Primator Stout (Чешка) Црна чоколада „praliné“ со кафе
O’Hara Irish RED IPA (Ирска) Црно чоколадо со портокал и слично
Chimay blue (Белгија)  Чоколадни пралини

 

Бонус програма: домашно црно пиво со домашни чоколадни мафини, и премиерно, како ново на пазарот ќе се дегустира и безглутенското пиво CELIA – светла и темна верзија.

Фото: Pixabey