Дали е можно компостирање во стан?

0
562

Компостирањето е се попопуларно во светот, а се повеќе луѓе почнуваат на овој начин сами да си произведуваат ѓубриво за своите градини, но најважно од се е да ја зачуваат природата и да го намалат волуменот на отпад во нивните канти за ѓубре од кои 39% сочинува биоотпадот односно, остатоците од храна.

Зошто да се компостира?

Затоа што на тој начин го намалуваме загадувањето на почвата, водата и воздухот, волуменот на отпадот во нашата канта за ѓубре, го растоваруваме системот за управување со отпад, произведуваме квалитетно природно ѓубриво, ја подобруваме структурата на почвата и плодноста на земјата, се разбира ја чуваме природата, штедиме, ја подигаме свеста за важноста од рециклирањето на биотпадот.

Каде да се компостира?

Доколку живеете во стан и мислите дека е тоа невозмжно, сепак не е. Најидеално место за ова во тој случај, е балконот. Местото за компостирање не зазема голем простор (доволен е просторот со големина на канта). Ако пак немате балкон, сепак можете да најдете место за компостирање во кујна или во гаража.

Еве како се прави тоа во стан:

На некој сад со големина 40-60 литри со капак треба да се направат дупки од 4 мм на оддалеченост од 5 до 10 цм во сите правци.

На дното од садот ставаме 5-10 цм суви гранчиња за дренажа кои воедно ќе послужат како џеб за подобра циркулација на воздух и во слуќај на претерано собирање на влага.

Потоа ставаме тенок слој картон и 5 до 10 цм суви лисја.

На крајот додаваме тенок слој на земја кој делува како природен активатор затоа што содржи микроорганизми кој ќе го поттикнат и ќе го одржуваат процесот на разградување.

Потоа додаваме органски (влажен) отпад од кујната кој истовремено го мешаме со сув материјал (сено, лисја, гранчиња, иситнет картон) во размер 2:1 (влажно:суво)

Секои 2-4 дена содржината треб да се измеша и треба да се внимава да не е премногу влажно. Квалитетен и избалансиран компост ќе добиеме ако мешаме што повеќе различен иситнет материјал (се треба да се дроби на парчиња со големина на палец).

Кога да се компостира?

Биоотпадот може да се рециклира во текот на цела година. Во зима треба да се обрне внимание на соодносот на сувиот и влажниот отпад. Во текот на есента е добро да се зачува суви иситнето дрво, гранчиња и лисја кои потоа ќе ги мешате со влажните остатоци од кујна.

Што не се компостира?

Новинска хартија и списанија во боја, пластика, метал, стакло, лекови, кеси од правосмукалка, хартиени пелени, пепел од јаглен, облека и обувки, цигари, измет од кучиња и мачки, коски, месо, маснотии, јадење од месо и риба, осеменет коров, болни билки, лисја од орев, дрво кое било боено или лакирано, хартиен и стаклен отпад, биоотпад што бил во допир со нафта, бензин, маслени и заштитни бои и пестициди, течни остатоци од храна, млечни проиводи, масла и масти, амабалажа, гума, опасен отпад.

Дали смрди?

Ако е влажноста преголема доаѓа до скапување и до непријатен мирис. При недостаток на вода пак престанува процесот на разградување, затоа што микроорганизмите не можат да „работат“ без вода. Значи, ако се придржуваме кон соодветниот размер на влажен и сув отпад (2:1) и ако водиме грижа за проветрување на содржината, нема да има непријатни мириси. Напротив, после 30-тина денови компостот би требало да има пријатен мирис на шумска почва.

Совет:

Доколку не сте сигурни дека можете самите да направите компостан за својот балкон, кујна или гаража, на 20 март (понеделник) во Скопје ќе се случи настанот „Беа Џонсон во Скопје: Како до една тегла ѓубре годишно?“.

Оваа Французинка која живее во Калифорнија, денес ја сметаат за вистинско гуру за нула отпад! Од 2008 година наваму, таа успева, заедно со своето семејство, да произведе само една тегла ѓубре годишно! Преку својот веб-сајт и исклучително продаваната книга „Дом без ѓубре“ (Zero Waste Home), која досега е преведена на 14 јазици, таа отпочна глобално движење и неуморно ги инспирира луѓето низ светот да му се спротивстават на непотребниот отпад и така да живеат (по)едноставно.