Бонбони со вкусови: Лоши до неподносливост

Вкус на праска или на повраќаница, смути од јагода и банана или вкус на мртва риба, вкус на круша или на исушена слуз од носот, по народски, мрсул? Бирајте! Или подобро немојте! Сериозно, би пробале?

0
372

Порано игравме семејни игри: Монопол, Не лути се човече, Подморница….

Синоќа, после долго време семејството се собра заедно и бидејќи од Јана, средна по возраст во нашата куќа, која се врати од „work and travel“ во Америка добивме многу најразлични некорисни, нездрави и невкусни „керефеки“, игравме нешто што не мислев дека некогаш ќе „играме“ – пробувавме бонбони за да видиме каква ни е среќата! А среќата ни зависеше од вкусот на бонбоните.

Имено, кутијата содржеше повеќе бонбони меѓу кои, по две сосема исти – едното со „добар“, а другото со НЕПОДНОСЛИВ вкус.

Замислете какво е чувството кога наместо вкус на овошје, во устата ќе почувствувате мирис на смрдливи чорапи, наместо вкус на праска, ќе добиете бонбона со вкус на повраќаница, наместо вкус на смути од јагода и банана – вкус на расипана риба, наместо вкус на круша – исушена слуз од носот, по народски, мрсул, наместо кокос, во устата ќе почувствувате вкус на расипано млеко…

И замислете како е кога секогаш ви се паѓа она второто!

Или подобро немојте!

Ама ете, некој заработува на нездрави и невкусни бонбони, а некој од тоа прави семејна забава после која и киселите зашеќерени бонбони „мејд ин“ САД, се вистински деликатес.

Не ми е јасно само едно! На кутијата со бонбони пишува: Naturally&Artificially Flavored! Погодувате? Ме плаши она првото – Naturally Flavored! Се надевам дека се однесува на „добрата“ варијанта од бонбоните!

Што мислите вие, на која варијанта се однесува!?