Алтернативни форми: Наместо пестициди, земјоделските култури ќе ги штитат диви цвеќиња

Алтернативните форми на земјоделие, со садење на светли диви цвеќиња помеѓу земјоделските култури на 15 големи обработливи фарми во Централна и Источна Англија минатата есен, кои ќе бидат набљудувани во текот на 5 години, имаат за цел да ги привлечат природните предатори на штетниците и да ја намалат употребата на прскање со пестициди.

0
344

Употребата на пестициди во земјоделството генерално, е висока. Не само што ова го нарушува нашето здравје, туку ја оштетува почвата што ни е потребна за да ја развиваме нашата храна. Откако нивоата на хранливи материи се исцрпени од почвата станува речиси невозможно да се одгледува култура без употреба на уште повеќе пестициди и хемиски ѓубрива.

За среќа, како што се подига свеста, сѐ повеќе и повеќе луѓе се префрлаат на органски производи и отпочнуваат сопствена градина. Факт е дека не треба да ги користиме сите овие тешки хемикалии. Алтернативните форми на земјоделие, како што е растечкиот тренд познат како пермакултура, го докажуваат тоа, па сега некои земјоделци се одлучиле да користат цвеќиња; долги леи на светли диви цвеќиња со цел да ги привлечат природните предатори на штетниците и да ја намалат употребата на прскање со пестициди.

Цветовите биле засадени на 15 големи обработливи фарми во Централна и Источна Англија минатата есен, и тие ќе бидат набљудувани во текот на 5 години. Ова е дел од пробната работа на Центарот за екологија и хидрологија (ЦЕХ).

Користењето на дивите цвеќиња за помош и поддршка на инсектите, како што се карпести, паразитски оси и копнени бубачки, се покажа дека го намалува бројот на штетниците во земјоделските култури и на крајот ги зголемува приносите.

Досега, цвеќиња се засадени само околу полињата, што значи дека природните предатори не можеа да стигнат до центарот на многу големите полиња. “Ако ја замислите големината на земјената бубачка, тоа би била премногу долга прошетка до средината на полето”, вели професорот Ричард Пјувел, во ЦЕХ.

Комбајните водени од ГПС технологијата сега имаат способност да ги собираат културите на прецизен начин, што значи дека леите со диви цвеќиња кои се засадени меѓу културите може да останат недопрени и да продолжат да се користат во текот на целата година. Првичното тестирање извршено од страна на Пјувел покажува дека предаторите имаат способност да ги напаѓаат вошките на лисјата и другите инсекти што го оштетуваат културите низ целата област. Цветовите кои се користеле вклучуваат еден вид на маргаритки, црвена детелина, див морков и глуварчиња.

Во најновите испитувања, лентите со диви цвеќиња се широки околу шест метри и заземаат само 2% од вкупната површина на полето. Тие ќе бидат следени низ целиот ротационен циклус од зимска пченица до маслодајна репка до пролетен јачмен.

Слични испитувања се случиле во Швајцарија; само тие, освен глуварчиња, користеле коријандер, хељда, афион и копар. Пјувел се надева дека природните предатори можат да ги намалуваат штетниците од година во година, такашто да нема големи епидемии: „Тоа би било идеално – никогаш да не треба да се прска“.

Несомнено има тенденција да се намали употребата на пестициди, рекол Бил Паркер, директор за истражување во Одборот за развој на земјоделството и хортикултурата. „Веројатно ќе има доста години кога штетниците нема да се проблем и употребата на пестициди може да биде значително намалена. Но, ќе има и години кога одреден штетник или болест ќе бидат екстремно важни, а тоа се времињата кога навистина ви се потребни пестицидите.

Тој, исто така, изјавил дека е потребна огромна културна промена во земјоделството, бидејќи пестицидите се користат без оглед дали се идентификувани штетниците или не.

За среќа, со сета оваа нова свест доаѓа до промена, бидејќи луѓето се враќаат на основите и сфаќаат дека постојат безбедни и ефикасни методи за заштита на земјоделските култури и на почвата.

Текстот е преземен од ТУКА.

Фото: Pixabey