Со Игор Поповски зборувавме откако на вчерашната дегустација во рамки на конференцијата „Биодиверзитет на млекото“ во Скопје, ги пробавме неговите производи.
Мммм, што е ова, наше е? Тоа е познатото прашање кое го изговараме, сѐ уште со изнанадување, секогаш кога ќе вкусиме некое добро сирење.
Изгледа како уште да немаме доволно доверба во нашите производители, во тоа дека тие можат и знааат како да направат добри сирења кои конечно и не личат на некои други светски познати сирења, туку имаат свој автентичен вкус својствен само за овие краишта. Впрочем, тоа е и целта на организацијата Слоу фуд, да се заштити производството и промоцијата на земјоделски производи со специфични карактеристики кои можат значително да придонесат во развојот на руралната економија, но и за заштита на биодиверзитетот, природните ресурси и локалното искуство.
А на светските пазари, па во последно време и кај нас, потрошувачите сѐ повеќе бараат токму такви автентични квалитетни производи со специфично потекло.
Такви се и овие, на Игор Поповски од Дихово. А Дихово е веќе познато како место кое покажа дека и селата можат да живеат и дека и таму има работа, ако некој сака да работи.
И најдоброто од сѐ е што нашите досегашни соговорници од Дихово, еден за друг имаат само најдобри зборови и одлична меѓусебна соработка. Да се посомнева човек дека се вистински Македонци.
Шега на страна, но и Игор го почна разговорот токму така.
„Ние чуваме овци, а кравјото млеко го земаме од човекот кој има фарма веднаш до нашата. Тоа е исто како да е мое, ние соработуваме со години, па нашите сирења се мешани, од нашето овчо и неговото кравјо млеко. Од мене сирење земаат и Пеце и Нацо, а вечерва таму (кај Нацо) ќе го прославиме и Денот на Тера Мадре“, ни раскажа Игор.
Инаку, тој и неговиот татко Димче со производство на сирење почнале да се занимаваат, како што вели, буквално од немајкаде. Немале работа, а татко му останал технолошки вишок од државната сточарска фарма која се затворила и размислувајќи што понатаму еден ден рекле: „Ајде да пробаме да правиме сирење“.
Така Игор, кој е дипломиран сообраќаен инженер за патен сообраќај и транспорт, што патем баш и нема никаква врска со сточарство, купиле една-две кофи млеко од комшијата и почнале да прават сирење.
А бидејќи претходно никој во нивното семејство не се занимавал со ова, морале самите да учат. Во 2008 година купиле 250-260 овци и станале сточари и производители на сирење.
Денеска располагаат со горе-долу ист број на овци кои се селектирани по квалитет.
„Прво правевме само бело сирење, потоа почнавме и биено и сега имаме четири производи, бело сирење, биено сирење, урда и кашкавал. Понекогаш, по нарачка правиме и некои мали експерименти со сирење со пиперки, со буковка, со оригано, ама тоа се само мали количини, за прослави или за некои семејни веселби. Сите наши производи се мешани, од овчо и кравјо млеко, а имаме и чисто овчо бело сирење. Веднаш до нашата фарма има човек кој чува крави и од него земаме млеко, но тоа е исто како мое, со него си имаме договор и одлично соработуваме“, раскажува Игор.
Но тоа, вели тој, е поубавиот дел од приказната, бидејќи, без оглед на тоа што сирењето е одлично и добро се продава, не може да се покријат трошоците само од сирењето.
„Ако прашате било кој овде, којшто се бави со сточарство, ќе ви го каже истото, а тоа е дека сточарството во Македонија пропаѓа, со брзи и сигурни чекори. Не можеш да најдеш работна рака, затоа што е тешко да натераш некого да дојде од град во село и да чува овци. Сите побегнаа во странство, а веќе и од Албанија од кадешто земавме работници, луѓето почнаа да одат да работат во Италија, па сега е хит да се бараат работници од Косово, ама и тие кај да е, ќе престанат да доаѓаат.
Потоа, скапи се и ветеринарните услуги и сточната храна, житните култури држат цена, а јагнето пак има многу ниска цена и таа не е мрдната од 120-130 денари по килограм. Треба да е барем 180 денари за да видиш аир. Сирењето оди, ама не можеш да покриеш трошоци само со сирење.
И конечно, оваа работа е многу деликатна бидејќи се работи со живи суштества и со нив и околу нив постојано мора да има човек, 365 дена си врзан тука, дење-ноќе, ако не е татко ми, морам таму да бидам јас, ако не сум јас, мора тој, нема празник, нема делник, нема Нова година, Божик, Бајрам.
Во Македонија, во времето на бивша Југославија имало 2 милиони овци, сега се официјално 700.000, а ние кои работиме во оваа бранша тврдиме дека се 300-350 илјади, Само во ноември, луѓе кои ги познавам од Прилеп продадоа 1.500 овци во Косово и решија да си садат тутун. Едноставно, државата субвенционира за тутун, а сточарството е запоставено и ниту едно министерство, ниту една влада досега не успеаја да ги решат нашите проблеми. Ние сточарите сме малку, не сме толку бројни како тутунарите, како оние што се занимаваат со други градинарски култури, како лозарите, тие ѝ се поинтересни на државата и им даваат приоритет, сточарите се на маргините. А ние не сме ниту доволно организирани. Сега се појави некое ново здружение во битолскиот и во прилепскиот регион, ама искрено, песимист сум дека и тоа ќе успее да промени нешто.
Голем проблем е и што повеќето фармери, односно, речиси никој нема машинско молзење, па се молзи рачно. Оваа година ние првпат пробавме со машинско молзење, а догодина мислам дека комплетно ќе бидеме на машинско молзење, ама тоа е навистина многу ретко. Па замислете која мака е тоа. За рачно молзење ви требаат двајца-тројца за да измолзат 100 овци на пример“, објаснува Игор.
А кога станува збор за сирењата, тврди (а за дел од нив, оние кои имавме можност да ги пробаме, се уверивме и самите), сите се одлични по квалитет.
„Штета е што и биеното сирење кое е наш македонски бренд, изворно, оригинално сирење, полека изумира. Како што губиме многу работи во државата, ќе го загубиме и тоа, бидејќи не знаеме да го исфорсираме и да го испромовираме како што треба. Но да не излезе дека само критикувам и се жалам, еве на крајот да ве поканам да дојдете во Дихово ако сакате да се надишете чист планински воздух и да уживате во прекрасната природа“, порачува Игор Поповски од Дихово.