Битолската павлака, велат од Бимилк, одлично се комбинира со сѐ: за брз појадок, како што е ѓеврече или сендвич, состојка за вкусна пита или проја, прелив за месо за ручек или сос за тестенини за вечера, или, пак, за кремаст вкусен колач за десерт!
Предлог-менито на Бимилк содржи: брускети со намаз од павлака, бели тестенини и колач со праски и крем.
Брускети со намаз од павлака и кромид
Состојки:
1 стар багет исечен на парчиња
1 Битолска павлака од 180 г
2 лажици мајонез
1 голем кромид исечен на ситни коцки
Перца од 1 младо кромитче
1 чешне лук
50 г биено сирење или пармезан
Маслиново масло
Сок од половина лимон
1 домат
Зачини по вкус: оригано, мајчина душичка, копар, сол, бибер
Приготвување:
- Кромидот исечен на ситни коцки, чешнето лук, Битолската павлака и мајонезот убаво измешајте ги додека смесата не се соедини.
- Потоа додадете го маслиновото масло, сокот од лимон и зачините и повторно измешајте.
- Намазот оставете го во фрижидер за да се излади, а во меѓувреме багетот исечете го на парчиња и убаво намачкајте го со маслиново масло.
- Парчињата леб печете ги во загреана рерна околу 5 минути или додека не се заруменат.
- Додека парчињата се уште топли, намачкајте ги со намазот од павлака и одозгора изрендајте го биеното сирење или пармезанот. Декорирајте со сечкани перца од млад кромид и парчиња домат.
Бели тестенини со павлака, пилешко и зеленчук
Состојки:
1 пакување тестенини по избор
250 г Битолска павлака
150 г моцарела
1 тиквичка
грст грашок
100 г бело пилешко месо
магдонос
зачини по желба
Приготвување:
- Тиквичката исечкајте ја на коцки и пропржете ја во малку вода и масло заедно со сечканото пилешко месо.
- Додајте го грашокот, па динстајте додека не омекне.
- Зачинете по желба со сол и/или зачини, додајте малку црн пипер, па сипете ја Битолската павлака.
- Тестенините претходно сварете ги според упатството на пакувањето, па сварени додајте ги во зеленчукот и убаво промешајте.
- На крајот додајте ја иситнетата моцарела и уште еднаш промешајте за моцарелата да се распореди насекаде.
- Наросете свеж магдонос и послужете додека е топло.
Колач со праски и крем
Состојки:
За тестото:
6 јајца
6 лажици шеќер
6 лажици брашно
2 лажици млеко
1 пециво
околу 1 кг праски
За филот:
1 л Битолско млеко
9 лажици шеќер
3 пудинзи од ванила
400 г Битолска павлака
Приготвување:
Тесто:
- Најпрво раздвојте ги белките од жолчките во два сада.
- Во жолчките ставете половина од количината шеќер и матете до побелување на смесата, па додадете го и млекото.
- Во друг сад, со чисти маталки изматете ги белките додека не добиете снег и додадете го останатиот шеќер.
- Со лесни движења соединете ги двете смеси, а притоа додавајте го и брашното што претходно сте го просеале, како и пецивото.
- Смесата истурете ја во тава и печете во загреана рерна на 200 степени околу 15 минути. Оставете го колачот да се подизлади.
Фил:
- Додека тестото се лади, исечете ги праските на парчиња. Може да употребите и праски од конзерва.
- Праските наредете ги врз тестото.
- Во сад сипете половина количина од млекото заедно со шеќерот за да се загрева.
- Во остатокот од млеко растворете ги пудинзите.
- Соединете ги двете смеси и варете на умерен оган до згуснување. Смесата оставете ја настрана околу 10 минути и повремено промешувајте.
- Во топлиот пудинг додајте ја Битолската павлака и соединете со миксер. Топлата смеса истурете ја врз наредените праски.
- Оставете го колачот во фрижидер најмалку 3 часа за да се излади пред послужување.
- По желба, врз кремот може да ставите парчиња праски и шеќер во прав.
Уживајте во овој комплетен оброк и споделете го вашето искуство. Кое е вашето омилено јадење со Битолска павлака?