Шеф Елена Сотирова: Брзозборка во кујна

0
911

Елена Сотирова има само 26 години, а што сака да биде знаела уште од мали нозе. Како дете, постојано се врткала околу баба си чие име го носи, а која била шеф на кујна во ресторанот „Победа“. Уживала да ѝ помага во готвењето па кога по завршувањето на основното училиште посакала да се запише во средното угостиотелско училиште „Лазар Танев“ никој не бил изненаден. Сепак, родителите не ја поддржале нејзината желба. Напротив, ја посоветувале да се запише во гимназијата „Јосип Броз Тито“ заедно со нејзината сестра-близначка.

„Оди во „Јосип Броз“, размисли, тоа е добро училиште, ќе бидете заедно со сестра ти, ќе си помагате, па потоа ќе одлучиш што сакаш“, ме советуваа мајка ми и татко и јас ги послушав иако ниту за момент не се посомневав во својата одлука да станам готвачка. Затоа, по завршувањето на гимназијата откако бев веќе полнолетна п не морав никого да слушам, се запишав на гастрономија, исхрана и диететика на штипскиот факултет „Гоце Делчев“.

Работев во повеќе ресторани, се мачев, одев наваму-натаму, но кога немаш ментор, некој да те води и да ти го покаже патот, навистина е тешко. Затоа, решив да му пишам на Влатко на фејсбук.

Тој ме праша дали готвам. Му реков дека готвам, но дека сѐ уште учам како се прави тоа. Ме викна да зготвам нешто за него, а јас бев извадена од памет. Си реков, со што би можела да изненадам некој кој пробал сѐ, од италијанска, до тајландска кујна. Но, си реков, веројатно само сака да го види мојот капацитет за готвење и нема да биде престрог. Затоа решив да одам и да му подготвам пилешко во жалфија со бело вино и пилешко во сос од бадеми.

Во тоа време не бев толку добра готвачка, па знам дека тоа што го зготвив не беше совршено, но веројатно му фати око затоа што и тој во моментот готвеше со истите зачини, со жалфија, рузмарин, со бело вино. Така почнав да работам со него.

Почнавме заедно да работиме кетеринзи, а потоа станав и дел од неговите обуки во рестораните. Тој ќе ја обучеше екипата, ќе заминеше, а јас останував уште еден месец во ресторанот, а тој продолжуваше со обука во друг ресторан. Се разбира, многу научив и сега сум веќе комплетно сигурна во себе. Благодарна сум му на Влатко затоа што да не беше тој сигурно уште ќе талкав. Не е мала работа некој да ти го покаже патот и да те научи сѐ што знае“, раскажува Елена.

Таа веќе две години му е десна рака на шеф Огненовски, но е и комплетно самостојна. Кога го правевме интервјуто на главата носеше истата „шефовска“ црна марама како и шеф Огненовски, па ја запрашавме дали е и тоа дел од неговото „наследство“.

„Кога почнував со готвењето, носев розева кецела, розева панделка, и таква се појавив кај Влатко. Ми рече:  што ти е ова?! Еве ти вистинска униформа… И од тогаш ја носам оваа униформа и препознатливата црна марама ала шеф Огненовски“, се смее Елена.

Инаку, освен сестрата близначка, Елена има уште две постари сестри, едната има 38, а најстарата – 40 години.

„Разликата во годините е голема“, вели Елена, „зашто кога се решиле за трето дете, се надевале на син, ама излеговме јас и сестра ми. Татко ми е сега починат но сигурно ме гледа од небото и се гордее со мене, а горда на мене е и мајка ми. Кој родител не сака да си го види детето како го работи тоа што го сака и како е успешно во тоа што го работи? А јас сум навистина среќна не само затоа што ја работам работата од моите соништа, туку и затоа што знам дека сум добра во тоа. Не е мала работа на оваа возраст со оглед на тоа што имам многу другарки кои сѐ уште не можат да се пронајдат себеси и сѐ уште талкаат од една на друга работа. Јас влегувам во кујна и заборавам на сѐ. Тоа е тоа, работата што ја сакам. Според еден психолошки тест, ако си деснак и ти кажат да се потпишеш со левата рака, токму така се чувствува човек кој работи работа што не ја сака, а кога ќе ти кажат да се потпишеш со десната, тогаш и ти се чувствуваш добро, но и твојот потпис изгледа како што треба. Така е и со мене, исто како кога се потпишувам со десната рака“, објаснува Елена.

Одвреме навреме таа готви за своите сестри и за мајка си, иако, како што вели, кога ќе си дојде дома од работа, понекогаш сака некој друг да готви за неа. Но кога ќе почне, се внесува во готвењето и заборава на сѐ. Она на што ја научил Влатко, а не се однесува на самиот процес на готвење, е и тоа, да не биде себична кога станува збор за споделување на рецептите и знаењето.

„Тоа е исто како еден хирург да не сака да го предаде своето знаење на помладите колеги. Јас порано бев себична и не сакав да споделувам рецепти, но сега се изменив, Влатко ме научи да не бидам себична“, вели Елена.

Таа веќе неколку месеци „оперира“ во кујната на ресторанот „Пастел“ и заедно со шеф Огненовски му вдахнува нов гастрономски дух и шмек на веќе познатиот бренд.