Домашно лепче

Прашањево е само реторичко, ама навистина...има ли нешто поубаво од мирисот на тазе печено лепче?

0
666

Дали некогаш толку ве мрзело да излегувате од дома, што ви било полесно да си замесите домашно лепче отколку да одите до пекара?

Еве го резултатот од еден таков мрзелив неделен ден.

Состојки:

1 кг брашно (овојпат, бело, демек, за да јадат и децата кои, којзнае зошто, не сакаат интегрален, ниту било каков друг леб)

250 мл топла вода

1 квасец (ако е сув го ставате веднаш во брашното)

1 лажичка сол

1 лажичка шеќер

Приготвување:

Истурете го брашното во тепсија, додадете сол и направете мала вдлабнатина во брашното во која ќе ги ставите квасецот и шеќерот и малку топла вода. Почнете да го замесувате тестото долевајќи од водата се додека не добиете тесто.

Покријте го со крпа и оставете го да стасува 1 час.

Во меѓувреме, довршете со чистењето, истуширајте се, изгледајте една епизода од омилената серија или што ли веќе сакате да правите.

Премесете го тестото и обликувајте го во две векни. Ставете ги на набрашнета тепсија и покријте ги со крпа. Вклучете ја рерната на 180 степени и чекајте да се загрее, а векните да стасаат.

Ставете ги да се печат и печете околу 50 минути.

Премачкајте ги векните со вода и вратете ги на 3 минути уште еднаш во рерната, а потоа извадете ги, завиткајте ги со крпа и почекајте да се подизлади.