ГастроМак – Македонската Асоцијација на готвачи и шефови на кујни ја освои најпрестижната награда што може да се добие на еден гастрономски натпревар. Шеф Бобан Билбиловски го донесе пехарот во Македонија за освоен Куп во Black Box натпреварувањето на Меѓународниот Гастрономски натпревар, кој се одржа од 24-ти до 28-ми мај, 2018 година во Брашов, во Романија.
„Горда на своите членови, огромен успех за македонската гастрономија и македонските готвачи, кои уште еднаш покажаа и докажаа дека можат да се носат рамо до рамо со високите стандарди во светската гастрономија. Наградата е од големо значење не само за нашата Асоцијација, туку и за македонската гастрономија. Ова ќе даде поттик кај готвачите уште повеќе да експериментираат, да ги следат и да ги креираат светските трендови, како и да ги наметнат своите вкусови и кај најпребирливите и строги меѓународни судии“, изјави претседателката на асоцијацијата ГастроМак, Адријана Алачки.
Гастрономска гордост е целиот тим кој се закити и со други престижни достигнувања: шеф Игор Каспер Атанасов, со освоен златен медал во категоријата Јагнешко и сребро за Подготовка на Пилешко, додека шеф Бране Јовановски ја освои бронзата во категоријата Подготовка на риба.
Покрај натпреварувачките активности на Меѓународниот Гастрономски натпревар во Романија, се одржа и дебата на тема Гастрономија. На дебатата земаа учество познати глобални фигури од светот на гастрономијата, кои што говореа за најновите истражувања и достигнувања во гастрономијата. Како гостин-панелист на дебатата учествуваше и претседателката на ГастроМак Алачки, која зборуваше на тема “Влијанието на турската кујна и сличностите на влашката и македонската кујна”.