Семејни ритуали врз порцеланот на баба

И мене како дете многу ми беше тешко кога старамајка (баба ми) ќе ми ставеше два весника под пазуви, а јас морав да ручам со нив без тие да паднат.

0
4428

Неколку месеци по моето интервју за магазинот „Арткујна“, пред седум години, ми се јави мојата пријателка, професорката Кларис Молад, која ми врачи подарок од нејзината мајка Драгица Бехар. Подарокот беше книга од познатата промоторка на кулинарството Марта Стјуард и фамилијарните сребрени држачи за име, кои се ставаат пред секој гостин на свечените вечери.

За мене тоа беше голема чест, бидејќи Драгица Бехар и нејзиниот сопруг Исраел Бехар се луѓе со висок углед во светот, кои морале да ја напуштат Македонија за време на Втората светска војна, за сега после 65 години повторно да се вратат во својата родна земја Македонија.

При тоа, госпоѓата Бехар, која живеела во Израел, Швајцарија, САД и тн., се потсетила на официјалните вечери кои ги приредувала во животот.

20150718_222331

Се знае дека е многу важно да се почитуваат туѓите традиции, особено кога сте поканети на вечера. Вашето однесување на трпезата во другите држави им покажува на домаќините дали ја почитувате нивната култура и традиција или не, колку и таа да е различна од вашата.

Имам впечаток дека можеме да разговараме за различностите на нациите ако почнеме да ја анализираме храната која тие ја конзумираат. Интересно е дека обилноста на оброците е поголема кај балканските земји, иако тие имаат понизок стандард од европските. Англичаните се преокупирани со традицијата и навиките, наспроти Холанѓаните кои поради своето 24/7 работно време повеќе се ориентирани на најразновидни сендвичи почнувајќи од веге тип до сендвичи со карпачо лосос или бифтек. Французите се најпознати по нивната совршена кујна во која пиедесталот во последно време го зазема термички необработената храна.

Денес кога размислувам за храната, со годините многу ми станува важно на кој начин таа се сервира и каков однос имаат луѓето кон неа.

Старите традиции на собирање на семејството за време на оброците, за жал, ги имаме подзаборавено, а младите генерации сѐ повеќе се оддалечуваат од тие многу важни семејни ритуали.

Намерно го употребив зборот ритуал, бидејќи конзумирањето на храната кога целото семејство е присутно не претставува само задоволување на инстинктот за храна, туку е и момент на зацврстување на семејните вредности, чувство на заедништво, момент полн со емоции.

И мене како дете многу ми беше тешко кога старамајка (баба ми) ќе ми ставеше два весника под пазуви, а јас морав да ручам со нив без тие да паднат. Од оваа денешна перспектива ова можеби изгледа смешно и бизарно, но има голема порака дека кога конзумирате храна, не можете да се однесувате како било со што би ги навредиле тие што вложиле голема енергија и труд да ја приготват.

Нема да кажам ништо ново ако потврдам дека денес на храната ѝ се посветува повеќе внимание од кога било во минатото. Во принцип храната и водата ќе бидат меѓу најважните прашања со кои светот ќе се бори во векот во кој живееме. Дека е тоа факт потврдува и минатогодишното EXPO што се одржа во Милано, на кое единствена тема беше храната во наредниот век. Повеќе од 146 земји од светот меѓу кои, за жал, не беше Македонија, направија сѐ од себе да ги презентираат најсовремените трендови во областа на храната и технолошките достигнувања. Имавме особено задоволство да бидеме гости во најпознатиот американски ресторан James Beard кај галеријата со седум звезди. За мене беше навистина големо уживање да се проба храната спремена од 20 врвни американски готвачи кои ги презентираа своите кулинарски вештини во нивниот павиљон наречен American food 2.0.

20150718_195213

Како и да е, без разлика што обичните семејни ручеци или вечери немаат мишелин ѕвездички и не се приготвени од професионални готвачи, тие се обмислуваат цела недела, се зачинуваат со љубов и предизвикуваат трепет и возбуда дека ќе се видат најмилите. Има ли посвечен кулинарски ритуал од тој кога семејството е на купче, кога се одмотуваат спомените и се редат насмевките врз уникатниот порцелан на баба? Тоа го знаела и госпоѓата Бехар, во чие сеќавање останале свежи официјалните вечери, додека семејните средби биле длабоко врежани.