Јота од кисела репа

Ова словенечко традиционално јадење се прави со кисела репа (или со кисела зелка) и со грав и колбаси (или сланина), но иако не звучи баш највкусно, вреди да се проба

0
402

Кога за Нова година ќе добиете како подарок кисела репа од Словенија, не ви преостанува ништо друго освен да направите јота. Станува збор затрадиционално словенечко јадење кое се подготвува лесно и наспроти тоа како звучи кога ќе кажете: кисела репа и грав, е многу вкусно.

Нашата јота излезе малку сува, па доколку сакате потечни варива, ставете повеќе вода.

Состојки:

1 кг кисела репа

400 г црвен грав (ако сакате побрзо да бидете готови со готвењето, користете црвен грав од конзерва)

1 кромид

2-3 чешниња лук

2 колбаси (ако немате крањски колбаси, ставете суџук)

1 морков

2 компири

2 ловорови листа

сол, црн и црвен пипер

масло

Приготвување:

Пропржете го ситно исечканиот кромид и додадете ја киселата репа, ловорот и малку вода и варете околу 20 минути. Додадете ги колбасите исечкани на тркалца, зачинете, додадете ги исечканите чешниња лук и продолжите со варењето уште 20 минути, па додадете ги исечканите компири и морковот и продолжете да варите додека не омекнат.  Изгаснете ја ринглата, додадете го гравот од конзерва, измешајте, поклопете и оставете го тенџерето на ринглата за да се соединат вкусовите.