Познатиот естонски готвач Лори Томингас доаѓа во Скопје!

0
347

Чаден сом со кавијар од пастрмка, супа од цвекло и суво грозје, бавно готвени говедски образи со глазура од десертно вино, свинско маринирано со сенф и смрека, несекојдневни десерти со различни бобинки или пак богат избор на сирења директно од Аркна, едно од најавтентичните села во Естонија?

За некого можеби звучи необично, но ова е само дел од менито кое ќе биде понудено во Дистрикт бар и ресторан во рамки на „Деновите на естонската кујна“, од 14. до 21. Септември кога посетителите ќе имаат несекојдневна можност да го вкусат специјалното мени со класични, но уникатни креации со модерна нишка од естонската гастрономија.

Специјален гостин за ова исклучително кулинарско случување е врвниот готвач од Талин, Естонија – Лори Томингас, кој во ресторанскиот бизнис е речиси 20 години, а исто така е и активен и препознаен член во Естонската Асоцијација на готвачи.

Тој своето искуство го носи уште од школските денови кога изучувал хотелски и туристички менаџмент, а по завршување на своето образование, освен во Естонија, имал можност да работи и во Шкотска, Норвешка, Франција и Финска.

За себе вели дека во потрага по нови искуства и идеи патувал секаде во светот, пробувајќи различни вкусни, но и чудни и непознати јадења кои му помогнале подобро да ја разбере храната, вистинската вредност на квалитетните состојки и како истите се одгледуваат и користат од различни луѓе во различни делови од светот.

Низ годините професионално искуство работел и како главен готвач во повеќе ресторани, а денеска е сопственик и главен готвач на ресторанот „Рис“ во Талин, кој нуди вкусна, но едноставна азиска кујна направена со локални состојки и мал нордиски шмек, но подготвена со многу љубов и страст, токму како што се подготвува на улиците низ азиските држави.

„Познат факт е дека да се биде готвач не е само работа, туку тоа е страст и животен стил и токму оваа девиза е она што ме водеше речиси 20 години досега“, вели познатиот готвач Лори Томингас.