Парк Сео-јеон си подготвува говедско, зеленчук и ориз за вечера и се изгеда како уште еден обичен ден за оваа 34-годишна Кореанка. Меѓутоа, кога ќе ја стави храната на маса, го вклучува компјутерот и веб-камерата и почнува да јаде додека илјадници луѓе ја гледаат онлајн.
Станува збор за интернет тренд кој ја зафатил Јужна Кореа, таканаречен гастро воајеризам, кој претставува одлична можност за заработка во општество во кое константно расте бројот на изолирани и осамени луѓе.
Меѓу оние кои го искористиле овој тренд е и споменатата Парк Сео-јеон, позната како Дива која на овој начин заработува веќе неколку години. Од својот стан во околината на Сеул секој ден емитува по три часа видео материјал, а додека трае емисијата, гледачите ѝ праќаат виртуелни балони, а секој чини 100 вона, односно, девет американски центи. На тој начин таа успева да заработи месечно околу 9.400 американски долари (7000 евра).
Прво, пред повеќе од три години, почнало како хоби, но потоа сфатила дека на овој налин заработува повеќе отколку на својата редовна работа, па дала отказ во консултантската компанија во која работела.
Ако не верувате дека некој плаќа за да гледа некој друг како јаде, Парк Сео-јеон наведува дека причините зошто гледачите се подготвени да ја платат и да ја гледаат додека јадат е тоа што самите не можат многу да јадат, се чувствуваат осамени и не сакаат да јадат сами во својот стан или пак се на диета.
Модерна Јужна Кореа се соочува со распаѓање на семејните вредности и според предвидувањата до 2030.година бројот на домаќинства со еден член ќе порасне од 25,3 отсто, колку што ги имало во 2012. година, на 32,7 отсто, што претставува најбрза стапка на раст помеѓу високоразвиените земји.
„Осаменоста е еден од клучните фактори. Ова шоу е популарно затоа што им овозможува на илјадници луѓе меѓусебно да комуницираат преку чет, вели Парк.
Околу 3.500 луѓе водат вакви шоу програми, а најпопуларните се дури и спонзорирани од некои познати ресторани.
„Дива“ вели дека не ја мотивираат само парите, и смета тоа има и хумана димензија: „Одлично е чувството кога некој ќе ми каже дека успешно се бори со анорексијата благодарение на мене, или кога луѓето ќе ми кажат дека моите емисии им помагаат додека се лекуваат во болница и мораат да јадат сами. Некои велат дека ослабнале гледајќи ја мојата емисија“.
Гастро воајеризам – вкусен начин на заработка на интернет
Ако не верувате дека некој плаќа за да гледа некој друг како јаде, веројатно не сте слушнале за Кореанката Парк Сео-јеон која јадејќи секој ден пред камерата на својот компјутер заработува околу 9.000 долари месечно.