„Лејквју“ e хотел и ресорт со поглед на прекрасното Преспанско Езеро, зад кој се наоѓа Националниот Парк Галичица, а локацијата е позната и како воздушна бања. Впрочем, овој поглед им е на многумина познат и затоа што токму тука се снимаше македонската ТВ серија „Преспаф“.
Токму тука денеска ќе се одржи свечениот ручек на делегациите на Македонија и на Грција по потпишувањето на договорот за името.
Да се потсетиме на приказната за овој објект кој ни ја раскажаа сопствениците, семејството Нечовски.
Станува збор за ресорт кој од 2012 година е приватна сопственост на семејството Нечовски, повратници од Америка кои после 36 години се враќаат во родниот крај решени да инвестираат и да започнат еден за нив нов бизнис на брегот од Преспанското езеро.
Сопружниците Нечовски потекнуваат од овој крај, па тоа било пресудно за нивната одлука да ја вложат сета своја животна заштеда во овој комплекс. За почеток на својата нова угостителска приказна најпрвин морале да ја исчистат локацијата и плажата, а потоа и да го реновираат, доградат и поправат хотелот, како и бројните придружни објекти обидувајќи се да го донесат објектот во колку што е можно попретставителна ситуација и да понудат што подобри услуги и сместувачки капацитети.
„Никогаш не сме се занимавале со овој бизнис, напротив, јас работев во фармацијата, поточно, во Џонсон енд Џонсон кадешто имав навистина добро работно место, па тоа беше и причина плус што сите беа шокирани од нашата одлука. Меѓутоа, јас и сопругот потекнуваме од овој крај и добро ги знаеме неговите потенцијали, а сме и приврзаници на ставот дека не е неуспех ако нешто што сакаш да го направиш, го направиш и не успееш, туку дека е неуспех ако воопшто не се обидеш. Но во нашиот случај, иако има и тешки моменти, навистина нема простор за каење бидејќи ваков рај се наоѓа многу ретко во светот. „Лејк Вју“ е сега навистина одлично место за сите оние кои сакаат убав, опуштен и спокоен одмор, иако многу наши пријатели кои живеат во Америка се уште се чудат заради нашата храброст или лудост, сеедно, да се вратиме тука и да вложиме се во овој за нас важен проект“, вели госпоѓа Лиле Нечовска, сопственичка на „Лејк Вју“.
Инаку, госпоѓа Лиле е жена која по потреба држи и неколку работни места во овој семеен приватен рај, вклучувајќи ја тука и кујната. Токму таа е заслужна за интернационалните рецепти кои се дел од нивното мени, додека пак за традиционалното, македонско мени, виновници се менаџерот Ванчо Стојановски, менаџер на комплексот „Лејк Вју“ во Отешево и останатиот локален персонал.
Имено, во овој ресорт се обидуваат да ја задржат атмосферата и амбиентот на се она што е наше типично македонско, но сепак, се обидуваат да понудат и нешто светско.
На менито, секако, најбарани се рибите, а особено крапот подготвен на преспански начин.
Просечна тежина на преспанскиот крап е 4 килограми, а како го подготвуваат во Лејк Вју ресорт ни објасни господин Ванчо Стојановски.
„Крапот се чисти, од него се вади икрата од која може да се направат чорба или ќофтиња, специјалитети кои исто така може да се најдат во овдешното мени и за кои исто така ќе добиете рецепт.
Откако ќе се исчисти, крапот се посолува и или се полни со кромид, домат, пиперка, а може и да не се полни туку само се шпикува со лук и со магдонос. Потоа се става во тава со загреано масло и во текот на печењето се прелива на секои 20-30 минути со бело вино. Се пече околу два часа. Најважно од се е да се каже дека крапот на преспански начин плива три пати: еднаш во вода, еднаш во масло и третпат во убаво и квалитетно бело вино. Ние го правиме со Траминец, и тоа околу 600-750 мл. Задолжитрелно се сервира со лимон и со зеленчук“, вели Ванчо.
Чорба од икра
Се пропржува домат, пиперка, кромид, лук, морков, потоа се става вода, се остава се да зоврие и се додава икрата. Се вари се заедно, а за да се добие киселост, ние ставаме и 12-13 сливи (џанки). На крај се става запршка и се сервира.
Ќофтиња од икра
Икрата се меша со една жолчка и со сок од лимон, се додава лукче, се замесува, се обликуваат ќофтиња кои се валкаат во презли и се пржат на врел зејтин. Се сервираат со лимон. Инаку, икрата од крапот е најубава и ја има во текот на целата летна сезона, односно, во периодот кога крапот се мрести, од мај до крајот на август, објаснува господин Ванчо.
Специјалитет на госпоѓа Лиле пак, е мексиканската кесидиа која таа ја прави со многу свеж зеленчук и неколку тајни зачини кои им го даваат оној особен вкус на мексиканската кујна.
Текст: Драгица Христова