Здрава, органска храна под чадорот на Кока-кола

0
806

Полжавчиња, буковка, аронија, гоџи бобинки, песто со грав, пченична трева, мед,органски зеленчук и уште многу други производи се изложени на штандовите во рамки на седмиот по ред фестивал на органска храна во Скопје.

Под мотото „Да ги победиме лошите животни навики – градиме здрава, зелена и органска иднина!“ денеска (10.06.2017 година) во паркот „Жена Борец“ се одржува седмиот Фестивал на органска храна.

Целта на фестивалот е да биде дестинација за презентација, промоција и дегустација на органска и здрава храна преку која граѓаните ќе имаат можност да добијат повеќе информации за здравиот начин на живеење. Токму затоа и малку несоодветно изгледаше тоа што некои од нив беа заштитени од жешкото сонце со големи чадори брендирани со Кока-кола.

На фестивалот, во изложбениот дел – Органска улица – се претставија повеќе производители на органски производи кои посетителите можеа и да ги дегустираат и да добијат основни информации за нивното производство и употреба. Во рамките на манифестацијата има и музичка програма како и работилници за сите возрасти и дебати за здравиот начин на исхрана, спорт и рекреација.

Оваа традиционална манифестација се одржува под покровителство на Градот Скопје, а во организација на Друштвото за применети истражувања и перманентно образование во земјоделството – Скопје.