Терапијата за подобрување на менталното здравје со готвење е актуелна веќе неколку години, но се чини дека со време само добива на популарност, особено за време на пандемијата кога своите терапевтски сесии со готвење, терапевтите ги одржуваат и онлајн, а интересот постојано расте.
Психолозите веруваат дека готвењето и печењето се терапевтски бидејќи одговараат на еден вид терапија позната како „активирање на однесувањето“, пишува Волстрит журнал. Готвењето може да им помогне на луѓето да се фокусираат на некоја задача, што може да им даде чувство на моќ и контрола што можеби природно да не ги имаат сами во секојдневниот живот надвор од кујната.
„Кога сум во кујната, го мерам количеството шеќер, брашно или путер што ми е потребно за рецепт или го кршам точниот број на јајца – јас ја имам контролата“, вели за Би-Би-Си, Џон Вајт, пекар кој победи на The Great British Bake Off во 2012 година. „Тоа е навистина важно бидејќи клучен елемент на мојата состојба е чувството на никаква контрола“. На Вајт му била дијагностицирана манична депресија во 2005 година и го користел печењето за да му помогне да го стабилизира своето расположение преку обезбедување мали задачи на кои треба да се фокусира.
Кога готвите, мора да бидете постојано фокусирани, да подготвувате состојки, да измешате, да ги прилагодите зачините, да го следите процесот на готвење – сето тоа може да биде корисна техника за да ги свртите вашите мисли од нештата и да се фокусирате на готвењето. Тоа е малку како медитација, но со повкусен резултат и може да биде многу корисно во лекувањето на некои форми на ментални болести, објави Гардијан.
Иако готвењето за себе може да понуди многу смирувачки и потенцијално вкусни поволности, кога готвите за други луѓе, има дополнителна придобивка. Имено, готвењето за другите ве поврзува со вашата заедница и ви помага да се чувствувате како да давате потребна и корисна услуга. Иако секоја форма на алтруизам може да ги направи луѓето да се чувствуваат среќни и поврзани со другите, готвењето за другите им помага на луѓето да ги исполнат потребите и тоа е важно. Терапевтот за кулинарски уметности, Михал АвиШаи, изјавил за Huffington Post, дека „давањето на другите нè исполнува на многу начини. А уште повеќе кога се готви бидејќи хранењето ја исполнува потребата за преживување и затоа нашето чувство на исполнетост доаѓа не само од доброто на чинот на давање, но и фактот дека сме „помогнале“ на некој многу примарен начин“.
„Секогаш кога готвеше баба Доли, сите доаѓавме со трчање“, се сеќава Мики Френк додека ја меша смесата за палачинки во керамички сад.
„Што беше толку посебно во палачинките на баба ти?“, ја прашува нејзиниот терапевт, Џули Охана.
„Нејзината љубов“, одговара Френк.
„Тоа е дел од секој рецепт“, потврдува Охана.
Во текот на изминатите неколку месеци Френк ја истражува терапијата со кулинарската уметност, еден од најновите трендови за самогрижа. Практиката го комбинира готвењето со традиционална терапија, специјалност на Охана.
Методот е релативно нов на полето на терапијата и се покажал како корисен за луѓето што се соочуваат со депресија, анксиозност и други проблеми со менталното здравје. Ова делумно се должи на нејзиниот медитативен аспект.
„Тоа е навистина вежба за внимателност“, вели Охана. „Кога ги редите работите, ги сечете работите на одреден начин, навистина влегувате во ритам. Ќе се фокусирате на она што го правите, ќе бидете во моментот и нема да мислите на другите работи“, вели таа.
Френк зачекори во кујната со Охана со надеж дека ќе најде подобри начини да се справи со стресот што доаѓа од тоа да се биде вработена мајка на три деца.
„Дефинитивно чувствувам голем притисок и растргната сум помеѓу моите приоритети, а тоа се моите деца, а исто така и работата што ја сакам“, вели таа.
За време на сесијата, Охана ја замолила Френк да подготви два рецепти за палачинки: традиционален и поздрава верзија со овесни снегулки. Со тоа Охана се надева дека ќе ѝ покаже на Френк дека може да најде рамнотежа во нејзиниот зафатен живот преку внимателно планирање.
Терапевтското готвење може да се прави еден на еден, но може да учествуваат и цели семејства и вработени, во форма на работилница. Се прави различно од типичното советување.
„Кога сте на традиционална терапевтска сесија, навистина нема ништо друго освен фокусот на другиот, освен лицето со кое разговарате. За некои луѓе тоа е застрашувачко и непријатно. Кога си во кујната и правиш нешто со терапевтот, можеш да се релаксираш и да бидеш свој“, додава таа.
Оваа терапија може и да го извлече максимумот од групните сесии.
„Ако си со група, дел од магијата за која мислам дека се случува е во интеракцијата со луѓето со кои си во друштво. Ти навистина учиш да комуницираш и да решаваш проблеми со другите на начин на кој не можеш во други ситуации“, вели Охана.
„Навистина учиш нешто што е добро за тебе, но и животна вештина што ни е потребна на сите“, додава таа.