Денеска е светски ден на куглофот

Во минатото, овој колач важел за аристократски и ги красел само трпезите на привилегираните и кралските трпези ширум Европа, а модлата за куглоф претставувала луксуз и била работа на престиж.

0
312
Фото: Unsplash

Куглофот е еден од најстарите моделирани колачи во светот, кој потекнува од Германија, а популарен е во широк регион на Централна Европа (понекогаш познат под друго име со мали варијации), вклучувајќи ја јужна Германија, Австрија, Швајцарија, Хрватска, Србија, Словачка, Чешка, Полска, а се разбира, и кај нас. Тесно е поврзан со божиќната торта во Италија позната како пандоро и американската бунд торта.

Секоја година во Сремски Карловци, во Војводина се одржува културно-забавно-туристичката манифестација Куглоф фестивал, а екипата на „Арт кујна“ пред 3 години го посети и тамошниот Музеј на куглофот (Геа).

Имено, во овој град постои музеј на традиционалниот војводински колач со потекло од германската кујна и Сремски Карловци станува се попрепознатлив и по него, па бројните туристи кои доаѓаат тука задолжително купуваат и пробуваат некој вид од големиот број рецепти за овој колач.

Првите податоци за куглофот датираат од втората половина на 17 век.

Во минатото, овој колач важел за аристократски и ги красел само трпезите на привилегираните и кралските трпези ширум Европа.

Модлата за куглоф претставувала луксуз и била работа на престиж.

Германците пред неколку векови се населиле во Сремски Карловци, а по формирањето, германското здружение „Карловиц“ во Сремски Карловци, почнало со производство и промовирање на овој традиционален германски колач. Членовите на германското здружение до денес собрале речиси 400 рецепти за куглоф. Најпознати се старинскиот, шарениот, мраморниот и винскиот куглоф.

Во Музејот, кој е воедно и продавница за куглофи има пет видови куглоф кои стандардно се прават, но одвреме навреме, велат, прават по нарачка и други.

Петте видови куглоф кои можете да ги најдете во секое време тука се оние со рум, лешници и чоколадо, потоа со кандирани кајсии, бело чоколадо и бадем, куглоф со вишни, лешници и чоколадо, посебен куглоф со марципан и кандирано овошје, кој се прави со кисело тесто и бермет, оригинален рецепт на сопственичката Катица Бибер Шнур, со пржени ореви, цимет, чоколадо и бермет, десертно ароматизирано вино по кое е препознатливо Сремски Карловци.

Музејот,  постои од 2000.година.

Во „Геа“ организираат и работилници за изработка на куглоф, нешто што било и дел од редовната настава на учениците во Карловачката гимназија. Инаку, организираат работилници и самостојно, и за деца и за возрасни, за да ги научат децата и да ги потсетат возрасните на тоа како некогаш се правел овој колач.

Кога ги прават, велат, ги мерат состојките со стари ваги и матат рачно за да направат куглоф со вкус како некогаш.

Рецепт за мраморен куглоф 

Речиси сите знаеме за традиционалниот мраморен куглоф што нè научија да го правиме нашите мајки и баби.

Состојки:

250 гр путер,
250 гр шеќер,
1 кесичка ванилин шеќер,
5 јајца,
125 мл млеко,
375 гр брашно,
1 кесичка прашок за пециво,
3-4 лажички какао во прав,
1 лажичка екстракт од ванила.

Приготвување:

Измешајте ги путерот, шеќерот и јајцата.
Потоа во смесата додадете ги прашокот за пециво, брашното и солта кои претходно сте ги измешале.
Додадете ванилин шеќер и екстракт од ванила.
Калапот за куглоф подмачкајте го со путер и набрашнете го да не се залепи тестото.

Половина од смесата се става во калапот, а во остатокот од смесата се става какао и се промешува.
Врз жолтата смеса ставете ја смесата со какао.
Поминете низ колачот неколку пати со нож или виљушка за да создадете мраморен ефект.
Се пече во загреана рерна на 180 ºC 60 минути.
Изладете, извадете го од калапот и поросете со шеќер во прав.