Тиквата е идеална и неизбежна есенска намирница, богата со лековити состојки, вкусна, а воедно и нискокалорична. Сокот од тиква лесно се подготвува и е моќен во постудените денови.
Сокот од тиква содржи моќни антиоксиданти, кои го намалуваат ризикот од развој на срцеви заболувања и мозочен удар. Присуството на пектин и фитостероли го намалува ризикот од висок крвен притисок. Го намалува и нивото на лошиот холестерол.
Сок од тиква
Состојки:
1,5 кг излупена тиква
3,5 литри вода
0,5 кг кафеав шеќер
сок од 5 лимони
цимет
мелен ѓумбир
Приготвување:
Излупете ja и исечете ја тиквата на парчиња. Во водата додадете го шеќерот, сечканата тиква и варете додека не омекне тиквата. Кога ќе омекне доволно, процедете, а во изладената процедена течност по желба додадете сок од лимон, цимет и ѓумбир.
Доколку сакате густ сок од тиква, во течноста додадете го испасираното месо од тиква (количина по желба).
Истурете во стерилизирани стаклени шишиња, оставете да се излади, па ставете го во фрижидер. Консумирајте во рок од седум дена или замрзнете го.
Тиквата е идеална и неизбежна есенска намирница, богата со лековити состојки, вкусна, а воедно и нискокалорична.
Меѓу зеленчукот, тиквата е еден од најконцентрираните извори на алфа-линоленска киселина (АЛА), есенцијална омега-3 масна киселина која е многу добра за здравјето на срцето.
Оваа киселина се претвора во ЕПА, масна киселина за која е откриено дека ги намалува триглицеридите и ги спречува промените во срцевиот ритам. АЛА во самата исхрана го намалува ризикот од срцеви заболувања и заболувања на кардиоваскуларниот систем.
Освен што е одличен извор на витамин А со неговата концентрација на провитамин А, тиквата е и добар извор на витамин Ц. Ова синергетско дејство на антиоксидантите има корист не само за здравјето на срцето, туку и за целокупното здравје бидејќи тие помагаат да се спречи развојот на атеросклероза.
Со оглед на тоа што содржи дури 90 проценти вода, лесно е сварлива, а содржи и влакна. Одлична е за сите оние кои имаат проблеми со варењето бидејќи го поттикнува варењето и на тој начин го смирува воспалението на дигестивниот тракт.
Овозможува подобро функционирање на црниот дроб и жолчката, содржи ензими кои ги разградуваат мастите во крвта. Исто така, го забрзува излачувањето на урината, помага при воспаление на уринарниот систем и го спречува создавањето на камења во бубрезите.
Тиквата може да се јаде сирова, варена, печена или пржена. Покрај месестиот дел се користат и нејзините семки кои ги има многу со оглед на вкупната тежина на плодот.
Фото: Pixabay