По 50 години непотребно избелување, од европската храна се исфрла титаниумот

Покрај генотоксичноста, се смета дека изложувањето на титаниум диоксид предизвикува оштетување на цревните ѕидови, како и туморски заболувања. Затоа, после половина век употреба, од 2022 година, на менито на Европејците повеќе нема да има титаниум диоксид.

0
351

Во доцните 1960-ти, титаниум диоксидот (хемикалија TiO2) ја доби ознаката Е-171 и на тој начин беше вклучен во официјалната листа на дозволени и безбедни додатоци на храна. Класифицирана е како вештачка боја која слободно може да се додаде во слатки, колачи, супи, гуми за џвакање, готови оброци, производи од риба, сосови…

Меѓутоа, од 2022 година, на менито на Европејците повеќе нема да има титаниум диоксид. Државите – членки го одобриле предлогот на Европската комисија за отстранување на титаниум диоксидот од пазарот на храна, пишува д-р Валерије Врчек, член на хрватското хемиско друштво и стипендист на Хумболт, добитник на бројни награди, раководител на Катедрата за органска хемија и експерт со богата научна кариера на Американскиот универзитет Јеил и државниот универзитет во Флорида, германскиот универзитет во Улм и други.

Избелувач на храна

Многу, а можеби и ниеден потрошувач, нема да го забележи тоа. Причина е посебното „својство“ на титаниум диоксидот – тоа е непотребен прехранбен адитив! Без никаква нутритивна вредност, не е јадлив, нема вкус, а се користи само од козметички и технолошки причини. Станува збор за обичен избелувач на храна, без кој многу прехранбени производи и натаму ќе ја имаат својата природна (бела) боја.

Една од причините за предложената забрана ја објаснува Магед Џоунс, претседател на Комитетот за адитиви во храната на Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА): „Загрижени сме за можната генотоксичност на наночестичките од титаниум диоксидот. По консумирањето, овој оксид полека се апсорбира во крвта, но со текот на времето се акумулира во внатрешните органи. „Покрај генотоксичноста, се смета дека изложувањето на титаниум диоксид предизвикува оштетување на цревните ѕидови, како и туморски заболувања“.

Деривати на научни докази

Интересна е изјавата на Стела Киријакидес, еврокомесар за здравје и безбедност на храната: „Нема преговори за безбедноста на нашата храна и здравјето на нашите потрошувачи. Со оваа одлука, која се темели на добра наука, ги елиминиравме ризиците што ги носи оваа хемикалија во храната.“ Нејзината порака е јасна – забраната за титаниум диоксид е дериват на научни докази за неговата штетност.

Сепак, останува, некако во воздухот, недоречен судот за (онаа) наука која пред половина век овозможила појава на титаниум диоксид во храната. Неговиот влез на пазарот на храна беше поддржан од елитни институции: Управата за храна и лекови на САД (ФДА), Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на Обединетите нации и Европската комисија. Одобрувањето за употреба на титаниум диоксидот и тогаш беше – дериват на научни докази.

Раните предупредувања – игнорирани

Предупредувањата на научниците за штетното влијание на титаниум диоксидот не се нови, но претходно ставовите на научното малцинство беа игнорирани. Со текот на времето, јавноста, медиумите и граѓанските здруженија се приклучија кон приговорите. Посебно се остакна коалицијата од девет големи европски невладини организации (Foodwatch, BEUC, WECF и други), која исто така доби политичка поддршка од Бруна Поарсон, француската министерка за животна средина: „Сакаме забрана за употреба на титаниум диоксид во Франција до крајот на оваа година“.

Заради зголемениот притисок се намали отпорот на прехранбената индустрија. Иако токсичноста на титаниум диоксидот не е променета во текот на изминатите 50 години, неговиот јавен имиџ се промени. Дозволата, а потоа и забраната за титаниум диоксид е пример кој покажува дека официјалните гаранции за безбедноста на производите не се никакви постулати, туку можат да бидат функција на време, пазарни односи или политички интереси.

Пет години за еден адитив

За жал, на менито на Европејците има уште околу триста хемиски адитиви означени со Е-броеви. Многу од овие супстанции се излишен додаток на храната. Прехранбените адитиви немаат нутритивна функција, туку се користат за украсување, маскирање или конзервирање на храната, а најмногу служат за намалување на производствените трошоци.

Карин Жакмарт, шеф на Foodwatch, вели дека забраната за титаниум диоксид е само почеток на долгото патување: „Триста триесет и осум адитиви сè уште се на полиците на продавниците. Не треба со години да се бориме за забрана на одредени штетни адитиви. Тоа е премногу. „Европските здруженија за заштита на потрошувачите и Лигата против рак објавуваат дека следните адитиви на „листата за отстрел“ се нитратите!

Текстот е од ТУКА.

Фото: Unsplash