Домашни бисквитки со какао и бадеми

Уште еден рецепт од кујната на нашата читателка Лихнида Дамовска. Исто толку привлечен на фотографиите колку што е веројатно и вкусен кога ќе го направите. Вели дека одлично оди со кафе, а ние ѝ веруваме 100 проценти...

0
204

Нашата читателка Лихнида Дамовска која веќе неколку години живее во САД, е уште една потврда на правилото кое вели дека, на оној што е гурман и што вистински ужива во храната, не му е тешко ниту да прави и да испробува рецепти. Напротив, ако треба, и на полноќ ќе засука ракави и ќе си направи нешто што му душа сака.

За нив, сите рецепти се едноставни, па така и овој.

Ќе испробаме па ќе провериме дали е навистина така, но и дали е вкусно како што изгледа.

Состојки:

200 г путер на собна температура

90 г кафеав шеќер

220 г просеано брашно

40 г какао

80 г ситно мелени бадеми

2 жолчки

За премачкување:

2 белки

крупен шеќер и грубо здробени бадеми

Приготвување:

Состојките се мешаат со шпатула или пак се замесуваат со рака, а тестото што ќе се добие се става врз хартија за печење, се израмнува со сукало во форма на правоаголник, потоа се витката со хартијата во ролат и се става во фрижидер на 1 час да се стегне.

Потоа се вади, се премачкува со двете белки што ви останаа, се валка во крупен шеќер и во бадеми и се пече на 170 степени околу 30-35 минути.

Кога ќе се испече, се остава малку да се излади па се сече на парчиња.