Лошо е чувството да имаш деца, а да не знаеш што сакаат да јадат

Поради претходните отсуства додека работев во петта брзина, децата речиси ме заборавија. Лошо е чувството родените деца да се срамат и да те гледаат како да си странец. Сега, благодарение на короната, по цел ден сум дома со своите ќерки, се зближивме, се засакавме, си ги исполнуваме желбите, си ги чуваме тајните и да, тато готви секој ден за нив и им ги исполнува сите желби, вели нашиот соговорник Дејан Христовски

0
711

Наместо во ресторан, него го запознавме преку ТВ екраните и неговото кулинарско шоу „4 Сезони“. Во тој период беше вистинска ѕвезда, а луѓето, најмногу повозрасните жени и оние кои ја гледаа емисијата, знаеја и да побараат да се фотографираат со него. Беше дел од многу гастрономски настани и секаде беше препознатлив по тоа што наспроти срамежливоста на своите колеги, тој беше искусен пред камерите и фотообјективите. Во меѓувреме, работел и учел во Шведска и во Германија, па го печел занаетот во скопски „Мериот“, а денес, како и многу негови колеги, конечно има шанса секојдневно да готви за своето семејство. Како и многу други, и тој од короната го извлекува најдоброто – повеќе време со семејството и со децата кои поради претходните отсуства, додека работел во петта брзина, речиси го заборавиле.

Дејан за себе вели дека од секогаш знаел дека ќе биде готвач, но откако почнал да готви и да експериментира сфатил и дека е роден за да готви, едноставно, тој нема план Б.

„Зошто готвач? Да се биде готвач е вистинско задоволство, готвачот е вистински виртуоз, готвачот е човекот кој прави сите да се сити и среќни, тоа е вистинска енергија“, вели Дејан со енергија на некој кој е спремен да научи уште многу и да даде уште повеќе.

„Да се истражи и делумно да се научи гастрономијата како наука е многу тешка задача за секого. Пред сѐ, кујната мора да се почувствува, мора да се поминат и да се научат сите процеси, мора да поминат години додека да се научи комплетниот процес. Мојата цел беше да ги научам сите можни позиции во кујната, од прием на роба, припрема, складирање, финална обработка, организација и систем на функционирање, хигиена и различни стари и нови техники на обработка и припрема… Сето ова мораш да го поминеш сам, а за целото тоа време учиш од сите. Сите оние од кои јас сум научил нешто, за мене се и инспирација и гуру и мои идоли“, вели Дејан.

По затворањето на ТВ А1 кадешто одеше и неговата кулинарска емисија „4 Сезони“, период кој тој со задоволство би го проживеал уште еднаш, започна неговата приказна со пицеријата со истото име – 4 Сезони.

„Всушност, мојата приказна со свој бизнис во угостителството започна во 2001. година и заврши во 2016. година.Тие 15 години работа за мене значеа многу затоа што оставив вистински белег со сите препознатливи производи по кои доаѓаа луѓе од сите страни на нашава држава. Првиот сендвич-бар во градот се викаше „Далмација“, првиот пица- бар се викаше „4 сезони“. Првиот беше на познатата „Бихаќка“, а пицеријата и првиот американски бургер-бар се наоѓаа во Т.Ц.Бисер во населба Аеродром. Успешно и профитабилно работев до 2016. година кога го продадов брендот и заминав на усовршување во Шведска, во преубавиот град Гетеборг кој е вистинска гастрономска атракција. Имав можност да учам во два италијански ресторана ‘Cicero’ и ‘Nonna’ и во едно француско бистро ‘La pain france’. Тука ми се отворија видиците, сфатив дека многу нешта не ми биле јасни и погрешно сум ги правел. Сфатив дека книгите и интернетот не можат да те научат некои работи. Продолжив уште во два ресторани ‘Ajnstajn’ и ‘Kitchen’, кадешто комплетно научив како треба да функционира кантина системот. Вистинско гастрономско патешествие кое не заврши таму.

Кога се вратив во Македонија ме побараа од Хотел ‘Вила парк’ од Струмица и со нив склучив договор за соработка од 6 месеци како егзекутив шеф на кујната на хотелот. Хотелскиот ресторан има тераса со 400 седишта во најубавиот дел на струмичкиот парк. Искуство кое никогаш нема да го заборавам. Само едно ќе кажам: Сѐ додека не дозволуваме цивилизацијата да навлезе во нас и нашите сфаќања, ќе бидеме таму кадешто сме сега“, раскажува Дејан.

Оттаму, заминал во јужниот дел на Германија привлечен од можноста да научи сѐ за баварската традиција.

„Заминав за Аузбург и почнав да работам во најтрадиционалниот ресторан во Аузбург кој се вика ‘Кalberhalle’, преубав ресторан кој собира 500 гости, но има многу повеќе простор за да може во него да се прават игранки на баварски начин со многу свински производи, а посебно нивните познати кобасици, во безброј варијанти. Ми се допаднаа традицијата и храната, но животот не, па решив да се вратам дома“, продолжува Дејан.

По враќањето во Скопје добил понуда од Питер Татар, тогаш егзекутив шеф на хотел Мериот и почнал да работи како готвач во ‘Дистрикт Бар енд Кичн’.

„Имав среќа да работам со колеги кои имаа интернационално искуство и колеги кои беа гастрономски образовани. Од нашиот македонски шеф Кирил Ставрев имав можност да научам многу за американската кујна и убавите и квалитетни говедски стекови, научив и што значи да се биде навистина шеф. Работев како асистент со готвач кој има три Мишелин ѕвезди Армандо Кодиспонти и научив како треба да се однесува и што сѐ треба да прави шефот. Го запознав и човекот кој со поглед знаеше да каже дали е сѐ во ред или не е, вистински угостител, Австриецот Волфган Коллер. Научив многу, но по нешто повеќе од 1 година, заминав, бидејќи имав повреда на раката и веќе не ми одговараше темпото на работа.

А ми недостасуваше и семејството. Лошо е чувството да имаш деца, а да не знаеш што сакаат да јадат, да не се смеат пред тебе, затоа што се срамат и да те гледаат како да си странец. Не сакав живот без нив. Моите две ќерки, Лина (7) и Каја (5) се најубавото нешто што ми се случило во животот, мојата гордост, моето сѐ. Благодарение на короната и целата ситуација со карантините и забраните, дома со нив по цел ден, за мене е вистинско уживање, се зближивме, се засакавме, си ги исполнуваме желбите, си ги чуваме тајните и да, тато готви секој ден за нив, им ги исполнувам сите желби, а тие со најголемо внимание ме следат и ми помагаат. Знаат што следува- вкусен оброк, кој мора да се заслужи“, се смее тој.

Неговата сопруга пак, која работи како доктор има среќа што кога ќе си дојде дома  веќе ја чека кафето, а ручекот е готов или е при крај. Дејан се грижи и за набавка на намирниците и секогаш внимава тие да бидат свежи и здрави. Лично, најмногу ужива додека работи со месо, тесто и слатки, а го привлекува и молекуларната гастрономија.

„Сакам да јадам храна со која нема да се малтретирам додека ја јадам, едноставно сакам да уживам додека јадам. За себе би кажал дека сум хедонист и вистински уживам во сите предизвици кои ми ги има пружено животот досега. Не престанувам и постојано сум во потрага по нови вкусови. Инаку, горд сум на многу нешта кои ги постигнав досега, но најмногу се гордеам затоа што успеав да ја сфатам суштината и основата на мојата професија. Верувам дека тоа е појдовната точка за некој кој сака вистински да биде готвач. Велат дека е лесно кога ја знаеш основата, сѐ друго доаѓа откако вашата кујна ќе стане ваше царство, а вие како и секој цар комплетно ќе се грижите да биде секогаш сѐ во ред“, вели нашиот соговорник.

Периодов додека трае пандемијата тој и неговите колеги ширум Европа и светот, имаат поинтензивна комуникација меѓу себе. Од една страна, вели, меѓусебно си се жалат затоа што немаат работа, а од друга, сите имаат повеќе време за да експериментираат и да готват за своите семејства и најблиските.

„Дома не гледаме вести, не читаме информации за корона, не сакаме да разговараме на таа тема, даваме сѐ од себе комплетно да го игнорираме вирусот. Секој ден е нов ден и мора да се искористи, не смееме да живееме во страв, но сепак ги почитуваме правилата со цел да се заштитиме. Целиот овој период сум личен готвач на моите две ќерки, сопругата и нашите блиски пријатели, бескрајно уживам гледајќи како уживаат во она што сум го зготвил.

Во моментов соработувам со неколку компании со кои почнувам проекти, пица бар во кампот ‘Скаут’ во Струга, кадешто ќе организирам и летно школо за готвење. Во Охрид се отвара ексклузивен ресторан и во преговори сме за соработка како шеф на кујна и со уште една компанија од Скопје со која спремаме вистинска гастрономска мека за сите од 7 до 77. Тоа е тоа што сакам да го сработам оваа летна сезона. Ќе видиме како ќе излезе, имам убава мисла и верувам дека ќе најдам добар тим со кој ќе можеме да исполниме сѐ што ќе ветиме.

Се борам заедно со моите колеги да го подигнеме нивото на гастрономијата кај нас. Низ светот постојат многу наши угостители кои вистински и професионално си ја извршуваат својата работна задача почитувајќи ги правилата и процедурите.Сакам сите нив постепено да ги поканам да направат семинари и конечно да се почне да се работи и да се функционира како што треба. Тоа е иднината на нашата гастрономија, без обуки, семинари и несебична соработка меѓу угостителските работници, нема ништо“, порачува секогаш оптимистичниот и насмеан Дејан.